Од организацијата посочуваат дека „Корка“ освои најмногу гласови од публиката во рамки на онлајн гласањето и ја претставуваше Македонија на овој престижен натпревар за млади музичари на возраст од 13 до 21 година, кој се реализира во организација на JM International.
„Ова е прво меѓународно признание за Македонија на ‘Imagine Music Experience’ и четврта година по ред учество на Музичка младина на Македонија со национален финалист“, соопштија од JM Macedonia.
Бендот „Корка“ носи препознатлив гранџ ноиз рок звук од Кочани, а со својата енергија, авторска музика и силна поврзаност со публиката се истакнал меѓу учесниците од повеќе европски земји. Од Музичка младина на Македонија нагласуваат дека признанието „People’s Choice“ претставува значаен поттик не само за членовите на бендот, туку и за целата млада музичка сцена во државата.
Во соопштението се упатува и посебна благодарност до Ива Дамјановски, како и до поддржувачите на проектот, меѓу кои „Мртов Коњ“ и „Гола планина колектив“, кои придонеле за успешна реализација на националниот и меѓународниот настап.
Во изминатата година „Корка“ се профилираа како еден од највпечатливите нови гласови на македонската алтернативна сцена, пренесувајќи го гневот и чувствителноста на младите генерации преку тврд, емотивен и некомпромитирачки звук. Бендот особено се истакна со истоимениот албум објавен во мај годинава, како и со серија концерти низ Македонија и Србија.
Покрај музичката активност, „Корка“ е препознатлив и по својот ангажман во локалната културна сцена во Кочани. Членовите на бендот, од кои повеќето сè уште се средношколци, беа иницијатори и организатори на дводневниот хуманитарен фестивал „Расплет“, одржан кај Споменикот на слободата во градот. Фестивалот беше посветен на нивната другарка Сара Алексова, првата тапанарка на бендот, која го загуби животот во пожарот во импровизираната дискотека „Пулс“.
На финалето во Брисел, покрај „Корка“, учествуваа и млади музичари од Франција, Белгија, Норвешка, Шведска, Унгарија, Холандија и Велика Британија, а главната награда ја освои белгискиот бенд „Crimson Bullet Generation“.
