Кочани ќе биде домаќин на патувачкото кино на МакеДокс

Проекциите на документарни филмови ќе се одржат на Летна сцена пред Центарот за култура „Бели мугри“ во Кочани, во 21 часот

Патувачкото кино на „МакеДокс“ годинава оди за Кочани, од 15 до 20 јули. Проекциите на документарни филмови во рамки на програмата на Патувачкото кино од 15 до 18 и на 20 јули ќе се одржат на Летна сцена пред Центарот за култура „Бели мугри“ во Кочани, во 21 часот. На 19 јули Патувачкото кино ќе има проекција и во селото Смилево, во Демир Хисар.

„Во свет што толку бргу се менува, па „човек не може двапати да влезе во иста река“, станува сè потешко да се разликува вистината од вештачката интелигенција и сè понеподносливо да се прифати дека постојат повеќе истовремени – а најчесто и неверојатно различни – реалности“ велат организаторите.

Оттаму велат дека секој од нас може да стори барем по нешто за сегашноста да биде поинаква, а ако ни е гајле за реалноста сега, додаваат, нема да мора да береме гајле за иднината после.

„Но, дури и во свет на контрадикторности, има нешто што човек, сепак, може беспогрешно да го разликува, иако се чини дека го снемува додека сè наоколу незапирливо тече. Тоа е она што никогаш не би требало да се промени, тоа е она што сакаме повторно да го исполни воздухот ко мирисот на липите во јуни и да натежне ко дрвјата полни со дудинки.

Тоа е обѕирноста, тоа е грижата за другиот, тоа е спремноста да се радуваме и да сочувствуваме со него. Но, за тоа да се случи, прво треба да ни биде гајле за реалноста. А за да ни биде гајле, треба да сме свесни дека никој од нас не е остров сам за себе, и дека без другите порано или подоцна ќе се удавиме, независно што, можеби, сега ни се чини дека добро пливаме“ се наведува во најавата.

Патувачкото кино на „МакеДокс“ е поддржано од Агенцијата за филм на Република Северна Македонија, а се реализира во соработка со SupportKochani, НУ Центар за култура „Бели мугри“ и Општина Кочани.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни