Граѓаните на Кочани денеска со двочасовна блокада на една од главните сообраќајни крстосници во централното градско подрачје, го искажаа својот револт од депонирањето на смет на територијата на нивната општина од околнте населени места.
На денешната 56та Седница, Советот донесе едногласен заклучок, одлуката за забрана за депонирање на смет од соседните општини да се достави до комуналното претпријатие и “Водовод” да ја почитува истата.
Убијци, сакаме чиста средина, до кога политичките интереси пред здравјето на граѓаните се дел од пораките од денешниот протест на кочанчани. Тие не се откажуваат од својата намера и планираат до крај да се изборат за своето здравје и чист воздух.
И покрај едногласната одлука на Советот на општина Кочани за забрана за депонирање на смет од другите општини, сепак со полициско присуство претходните денови насилно се депонираше сметот од соседните општини, што само го зголеми гневот и незадоволството кај кочанчани, посочуваат од Граѓанскиот одбор.
Членовите на Граѓанскиот одбор најавија и кривични пријави против повеќе засегнати лица, откако четврти ден камиони на комуналните претпријатија од Виница, Зрновци и Чешиново-Облешево исфрлаат отпад на депонијата.
Пред денешниот протест, Општина Кочани излезе со соопштение во кое информираат дека останува нивната заложба за реализација на проектот за воспоставување регионален систем за управување со депониите во Источниот Плански Регион, со крајна цел – изградба на депонија во Свети Николе, а со тоа и конечно затворање на депонијата во Кочани.