На настан организиран од Советот за надворешни односи, Амодеи истакна дека AI системите сè повеќе ќе преземаат задачи од софтверските инженери, иако тие сè уште ќе имаат улога во дизајнирањето и насочувањето на моделите.
„Мислам дека за три до шест месеци ќе бидеме во точка каде што вештачката интелигенција ќе пишува 90% од кодот. А потоа, за 12 месеци, би можеле да живееме во свет каде AI во суштина пишува сè“, рече Амодеи.
Тој, кој претходно работеше во OpenAI, ја основа компанијата Anthropic во 2021 година, која досега доби милијарди долари инвестиции од технолошки гиганти како Google и Amazon.
Ова не е првпат Амодеи да предупреди на големото влијание на AI врз работните места. Во интервју за New York Times, минатиот месец, тој изјави дека луѓето сè уште не ја сфаќаат целосно трансформацијата што AI може да ја донесе.
Неговите ставови ги делат и други експерти. Гари Тан, извршен директор на стартап-инкубаторот Y Combinator, изјави дека 25% од стартапите во зимскиот циклус за 2025 година веќе користат AI за пишување 95% од нивниот код.
Дополнително, директорката на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), Кристалина Георгиева, минатата година предупреди дека AI ќе влијае на околу 40% од работните места во светот. Според неа, дел од професиите ќе имаат корист од интеграцијата на AI преку зголемена продуктивност, но кај некои, вештачката интелигенција може да ја намали побарувачката за работна сила, платите и вработувањето, а во најекстремни случаи, одредени професии целосно да исчезнат.
Дали навистина вештачката интелигенција ќе ја преземе улогата на програмерите и како ова ќе влијае на ИТ-индустријата, останува да се види во следните месеци.