Слободанка Катаниќ, менаџерка за развој на инвестиции, акционерство и инфраструктура Железница Србије, заедно со тројца членови на комисијата за технички преглед на Железничката станица во Нови Сад, беше уапсена поради уривањето на настрешницата на 1 ноември минатата година, при што загинаа 15 лица. Катаниќ е обвинета дека со своите постапки довела до одобрување на пробната работа на Железничката станица и покрај очигледните недостатоци. Таа претходно се споменувала и во контекст на забрзување на работите на реконструкција.
Осомничените се обвинети за кривични дела со коруптивни елементи, кои резултирале со уривањето на настрешницата. Уапсени се и М.С., претседателот на Комисијата за технички преглед, како и членовите на Комисијата Ј.В. и М.Н.Ј., и Б.К. која е уапсена на аеродром.
Тие се обвинети дека не ги забележале недостатоците на настрешницата за време на техничкиот преглед, но во извештајот навеле дека тие не влијаат на стабилноста и функционалноста на објектот. Исто така, некои од осомничените не извршиле преглед на целата конструкција на објектот, иако биле должни да го сторат тоа. Катаниќ е обвинета дека доставила извештаи и записници, врз основа на кои било одобрено пробното работење на објектот, иако знаела дека записникот од 5 април 2024 година не бил направен во согласност со сите прописи.
„Ќе ги повикам сите и ќе ги забрзам работите“
Катаниќ знаела дека нема потврда од стручниот надзор дека работите на вестибилот на крилото Б се завршени, но сепак го пуштила во работа. Таа била споменувана и во текстови на „Нова економија“ во врска со забрзувањето на работите на реконструкцијата на Железничката станица и пругата. Според тие извештаи, Ивица Којиќ, шеф на кабинетот на претседателот на Србија, Александар Вучиќ, играл улога во проектот за реконструкција на пругата кон Унгарија и им ветил на изведувачите дека ќе го забрза процесот.
Кинескиот конзорциум CRIC/CCCC му испратил извештај на Којиќ, барајќи поголема координација поради фактори што го ограничуваат напредокот на проектот. Тој одговорил: „Ќе ги повикам сите и ќе ги забрзам сите активности“.
Во истиот извештај се наведува дека кинеските изведувачи побарале од српската страна да обезбеди дополнителни 65 милиони долари за да се завршат работите предвреме во 2024 година. На сите прашања од изведувачите одговорила токму Слободанка Катаниќ, која ги насочила прашањата кон Министерството за градежништво, сообраќај и инфраструктура.
Пропусти во надзорот
Освен Катаниќ, уапсени се и неколку други лица под сомнение дека не ја извршиле својата надзорна функција како што налага законот. Тие, иако биле свесни за ризиците, дале зелено светло за пуштање на објектот во пробна работа.
Во официјалното соопштение од Вишото јавно обвинителство во Белград се наведува дека осомничените биле свесни дека направиле сериозни пропусти и дека техничкиот преглед не бил спроведен според сите прописи и стандарди.