Пред неколку дена бунтовниците од групата М23 поддржана од Руанда ја консолидираа својата контрола над Гома, најголемиот град во источно Конго, откако во понеделникот влегоа во градот.
Сликите во два милионскиот африканскиот град Гома се повеќе од застрашувачки. Безживотни тела на улиците, преполни болници со ранети со прострелни рани или шрапнели. Има извештаи и за убиени здравствени работници, пациенти и бебиња, како и случаи на силување.
Бунтовниците го зазедоа и аеродромот, што би можело да го прекине главниот пат за помош на стотици илјади раселени лица.
Нападот на Гома доведе до широка меѓународна осуда на Руанда и повици за прекин на огнот. САД го повикаа Советот за безбедност на Обединетите нации да ги разгледа мерките за запирање на офанзивата.
Но која е позадината на конфликтот во ДР Конго и зошто тој трае повеќе од 10 години?
Руанда и ДР Конго се во конфликт откако Хутите, извршителите на геноцидот врз Тутсите во 1994 година, во кој беа убиени стотици илјади луѓе, избегаа преку границата во Конго. Следеа низа конфликти и вооружените групи се проширија низ источно Конго. Моментално се активни повеќе од 100 такви групи.
М23 или движењето 23 март е една од оние вооружени групи кои дејствуваат во источно Конго и сакаат да ги контролираат клучните рудници за минерали, со кои е богат регионот. Групата се состои од борци Тутси и тврди дека се бори за правата на ова малцинско население во Конго. Таа се појави во 2012 година откако се отцепи група од вооружените сили на ДР Конго (FARDC), жалејќи се на злоупотреба.
Во 2012 година, М23 прво ја освои Гома, но во 2013 година конгоанската армија, поддржана од силите на ОН, ги врати бунтовниците назад во источните ридови на границата со Руанда.
Во последниве недели М23 повторно постигна значителни територијални придобивки заземајќи ја Гома, град којшто е регионален центар за безбедносни и хуманитарни напори.
Владата на Конго и ОН ја обвинуваат Руанда, под водство претседателот Пол Кагаме, дека ја поддржува М23 со војници и оружје во обид да го контролира источниот дел на Конго којшто е богат со минерали. Киншаса тврди дека ресурсите вредни милијарди долари се шверцуваат од Конго, првенствено преку Руанда, па затоа бара ембарго на ОН за целиот извоз на минерали од соседната земја.
Инаку во конфликтот, од 1998 година се убиено приближно шест милиони луѓе, а околу седум милиони се раселени.
Во меѓувреме Обединетите Нации искажаа загриженост дека конфликтот може да доведе до поширока регионална војна.