Кој треба да ја плати сметката на првиот состанок?

Алгоритамот на Инстаграм и ТикТок ми сугерираше неколку видеа со кој повторно се актуализира една од вечните дебати – Кој треба да плати на првиот состанок? Многу девојки се снимаат и разговараат на оваа тема, а нивните видеа се проследени од илјадници коментари од мажи и жени за тоа дали треба или не треба мажот да плати на првиот состанок.

Дилемата за тоа кој треба да плати на првиот состанок се разгорува уште повеќе со движењето на феминизмот и борбата за рамоноправност на жената. Сега кога женскиот пол застанува зад барањето дека се рамноправни со мажите, дали е во ред една феминистка да дозволи или очекува мажот да ја плати сметката? Во едни поинакви и подалечни времиња, одговорот на ова прашање без никаво размислување било мажот, но сега кога и жената е работно способна каде стоиме? Што е правилно?

Кај жените генерално постои еден голем проблем кога мажот плаќа, а тоа е затоа што многу мажи чувствуваат дека жените им „должат“ сексуално ако платат за пијалоци или храна на првиот состанок. Следствено на тоа гестот да прифатат вечера доаѓа со голем притисок и во многу случаеви доколку жената направи грешка да излезе со таков тип на маж, подобро е да си ја плати сметката и да си замине. Од друга страна многу припаднички на понежниот пол одбираат да ја платат сметката или својот дел во случај кога партнерот со кој се излезени не им се допаѓа, како не би се создало чувство дека и му „должат“ нешто, без разлика дали е сексуално, понатамошмна комуникација или втор состанок.

Ако ме прашате мене, јас сум многу јасна на овој став – мажот е оној кој треба да ја плати сметката на првиот состанок, но жената секогаш треба да се понуди. И да, себеси се сметам за феминистка и поборник за рамноправноста на жената. Доколку се чувстувате збунето од фактот како некој кој се бори за жената да биде рамноправна, а очекува мажот да плати ќе пробам да ви објаснам вака. Зборуваме за финансии така? Значи финансиски првиот состанок за една жена е далеку поскап од сметката која мажот ќе ја плати на првиот состанок. На жената и е наметнато правилото дека таа треба да изгледа негувано, средено и убаво. Целиот тој напор доаѓа со цена. Да започнеме од козметиката и шминката па да продолжиме со нокти, депилација и коса.

Но, она што најскапо го плаќа една жена на првиот состанок се закоравени, застарени норми наметнати од општеството за тоа не само како треба да изгледа, туку и како да се однесува. Таа треба да биде женствена, нежна, тивка, скромна, срамежлива, беспомошна, помалку да зборува од мажот и да не го загрози неговиот социјален статус или да не биде поуспешна од него за да успее состанокот. Така, на луѓето кои се толку вознемирени поради очекувањата дека мажите плаќаат за првиот состанок, ве прашувам ова: зошто сте фокусирани на олеснување на полесниот товар што го носат мажите во состанувањето пред да се справите со значителниот товар со кој се соочуваат жените во нивните секојдневни романтични животи?

Авторката е магистер по правни науки, писателка, станд ап комичарка и радио и ТВ водителка

* Колумните се лични ставови на авторите.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни