Пред неколку дена премиерот излезе во јавност со обвинувања за протестите во Кочани. На нашите социјални медиуми објавивме реакција која ви ја испраќаме и вам во прилог и ве замолуваме да ја објавите во целост:„Поминаа речиси три месеци од трагедијата во Кочани, каде 62 млади животи згаснаа во дискотека без лиценца и без почитување на основни безбедносни протоколи. Наместо вистинска поддршка и правда, семејствата на загинатите се соочуваат со молк, игнорирање, а сега и со обвинувања.
Изјавата на премиерот, во која родителите се обвинети дека „ја напаѓаат власта“ од политички побуди, е крајно неодговорна и срамна. Наместо сочувство и институционална поддршка, гледаме обид за дефокус – од суштината, од болката, од системската корупција што доведе до оваа трагедија.
Родителите протестираат зашто го изгубиле највредното нешто – децата. Протестираат за да не се повтори истото. Протестираат за правда. Тоа не е политички напад, но човечка болка која бара одговорност.
Да ги потсетиме властите: граѓаните веќе донирале – преку своите даноци. Не е нивна должност да собираат донации за повредените и нивните семејства. Тоа е обврска на државата. На институциите. На тие што се платени да служат, не да обвинуваат.
Наместо ветувања за инфраструктура во 2030 година, на Кочани сега му треба поддршка. Конкретна. Финансиска. Психолошка. Правна. А најмногу му треба задоволена правда.
Ова не е момент за политички калкулации. Ова е момент за човечност, одговорност и солидарност. Сè друго е бегање од вина и соучесништво во неказнивост.“
Со почит,
Движење „Кој е Следен?“