„Кој е следен?“ обвинува за манипулации и лажни вести

Иницијативата „Кој е следен?“ демантираше дека објавениот видео-разговор на група студенти и девојка од Србија е поврзан со нивната иницијатива. Тие велат дека немаат никаква поврзаност со тој повик, ниту се вклучени во какви било разговори за формирање на нови студентски организации.

„Доволно е да се погледне самата снимка – името ‘Кој е следен?’ не се споменува ниту еднаш, а нашето лого е аматерски и намерно вметнато во аголот на видеото. Нашата иницијатива е граѓанска и како таква нема намера да се вклучи во студентското организирање, ниту да го инструментализира“ велат од „Кој е следен?“.

Тие додаваат дека овие обиди за оцрнување се уште еден доказ дека политичката елита се плаши од автентично граѓанско незадоволство.


„Наместо да одговорат на барањата за правда, одговорност и безбедност, тие се служат со провидни манипулации, лажни вести и медиумски спинови. Притисоците од лажни профили, пропагандни медиуми, како и од полициски и параполициски структури, само дополнително ќе ја зајакнат нашата волја“ велат од иницијативата.

Тие потенцираат дека не се поврзани со ниту една политичка партија и дека јавно ги осудуваат сите обиди за партизација на „Кој е следен?“ истакнувајќи дека револтот не е алатка за политички поени, туку повик за достоинствен живот.

„Оваа сурова пропаганда нема да не замолчи. Нема да дозволиме да се угуши секој млад, независен и слободен глас. Нема да дозволиме елитите да продолжат да не газат! Денес ние сме мета на манипулации и лажни вести. Кој е следен?“ прашуваат од иницијативата.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни