Граѓанското движење „Кој е следен?” стана катализатор на незадоволството од нефункционалниот систем, кој во својата неефикасност и неспособност продолжува да продуцира нови жртви. Ова движење не е само протест и револт на последните трагични настани, туку и глас на обичниот човек кој повеќе не може да молчи пред постојаните пропусти на државните институции и нивната неспособност да обезбедат основна безбедност.
Откако институциите со години ги изигруваат очекувањата на граѓаните, а трагични случаи како несреќата во клубот „Пулс” ја покажаа системската немоќ да се спречат вакви трагедии, „Кој е следен?” бара конкретни чекори за промени и одговорност на системот. Истиот тој систем кој треба да го штити и да ја гарантира безбедноста на граѓаните, секојдневно е механизам за апатија и манипулација. Граѓаните немаат доверба во институциите и нивната способност да се справат со заканите кои произлегуваат од лошо регулираната безбедност во јавните и приватните објекти.

„Кој е следен?” не се задоволува со празни ветувања и политички популизам. Пораката е јасна: мора да има транспарентност, одговорност и безбедност. Движењето бара и правна и политичка одговорност од сите институции кои се директно или индиректно поврзани со пропустите кои доведоа до трагични последици. Пропустите не можат да продолжат да се игнорираат, а правдата мора да биде изведена на виделина. Ова движење го предводи гневот и разочарувањето на граѓаните кои веќе не сакаат да бидат жртви на нефункционалниот систем.
„Кој е следен?” ја подигнува свеста за потребата од едукација на граѓаните, за обезбедување на поголема безбедност и за интеграција на нови механизми на инспекција. Ова движење е не само протест, туку и апел за промени и крај на институционалната немоќ. Граѓаните повеќе не се спремни да чекаат додека се случуваат нови трагедии. Време е за акција, време е за вистинска одговорност.

Илјадници граѓани во неделата покажаа дека сакаат иднина во која системот ќе работи „за нив“ а не како и до сега „против нив“. Сакаат систем на вредности, на безбедност, систем без корупција, непартизиран и хуман. Транспарентен.
Кои се конкретните барања на „Кој е следен“?
Транспарентност и објавување документација: Објавување на целата документација поврзана со работата на клубот „Пулс” од институциите како: Државен пазарен инспекторат, Министерство за економија, Државен градежен инспекторат, Министерство за внатрешни работи, Државен инспекторат за урбанизам, Локална самоуправа во Кочани и други.
Одговорност на институциите: Повик за дисциплинска, кривична и политичка одговорност за институциите кај кои се утврди пропуст во случајот „Пулс” и слични случаи како изгорената модуларна болница, Онкологија, Дурмо Турс и Беса Транс.

Безбедност и транспарентност на инспекторатите: Воспоставување на „Е-Инспекторат” за објавување на инспекциски надзори и јавно објавување на извештаи. Потреба за зголемување на бројот на стручни инспектори и поголема транспарентност на инспекциските служби.
Образование и подигнување свест: Образовни програми и обуки за евакуација во јавни институции и училишта, како и означување на објекти со информативни материјали за безбедност.
Подобрување на угостителскиот сектор: Комора на угостители треба да работи на подобрување на условите за работа, а не само на дерегулација и финансиска помош од државата.
Се додека овие цели не се исполнат граѓаните ќе останат на улиците барајќи промени и барајќи правда за оние кои не се веќе со нас, но и за оние кои живеат во оваа држава и заслужуваат подобар и подостоинствен живот. Заслужуваат иднина.