Руската „Интервизија“ годинава ќе се одржи во Москва, а се очекува да учествуваат земји како Кина, Куба, Индија, Бразил, Латинска Америка, но и поранешните советски републики Казахстан, Азербејџан и Белорусија.
Според Ројтерс, во организацијата на натпреварот се вклучени високи функционери, а претседателот на Русија, Владимир Путин, од Кремљ побарал владините претставници да се подготват за настанот. На „Интервизијата“ се очекува да учествуваат сите заинтересирани, кои ќе ги почитуваат традиционалните, универзалните, духовните и семејните вредности. Натпреварувачите нема да можат да изведуваат песни кои повикуваат на насилство или содржат политички теми. Дополнително, Русија донесе строги закони со кои се забранува какво било промовирање на хомосексуалноста, а движењето ЛГБТ+ во земјата се смета за екстремистичка организација.
Ројтерс пишува дека администрацијата на Путин се обидува да ја прикаже Русија како бранител на традиционалните семејни вредности, спротивставувајќи се, како што тврди, на прекумерниот индивидуализам и губењето на почитта кон религиозните традиции кои западната култура ги прифатила.
Според Barrons.com, „Интервизијата“ би требало да биде спротивност на „Евровизија“, која често вклучува ЛГБТ+ теми. Според информации произлезени од организаторите, изведувачите ќе имаат четири минути за да ги изведат своите песни, а победникот ќе добие парична награда и можност да оди на турнеја.
Минатата година, претставникот на Русија за меѓународна културна соработка, Михаил Швидкој, изјави дека натпреварот ќе се одржи во септември 2025 година и дека „речиси 20 земји“ се подготвени да учествуваат, вклучувајќи и членки на БРИКС, како и членки на Заедницата на независни држави, во која спаѓаат и поранешните земји на СССР, блиски до Москва.
Оваа одлука доаѓа после две години откако Русија, поради воената инвазија во Украина, беше исфрлена од натпреварувањето на „Евровизија“. Инаку натпреварот „Интервизија“ постоеше и за време на Советскиот Сојуз, кога се претставуваше како алтернатива на „Евросонг“.
„Интервизиите“ во кои учествуваа земјите од источниот блок, беа популарни за време на Советскиот Сојуз, а во постсоветскиот период, Русија неколку пати се обиде да ја оживее, вклучително и плановите во 2014 година кои не се реализираа.
Инаку музичкиот натпревар „“Интервизија“, кој првпат се одржа во 1960 година во Полска, вклучуваше и натпреварувачи од неевропски земји, вклучувајќи ги и комунистичките сојузници на Москва, како Куба.
Финска, која се обидуваше да одржи неутралност за време на Студената војна, беше една од ретките земји, која со свои изведувачи учествуваше и на „Евровизија“ и на „Интервизија“.
Само неколку години по распадот на Советскиот Сојуз, во 1994 година, Русија првпат учествуваше на Евровизија. Свои претставници имаше се до 2021 година, а победи во 2008 година со Дима Билан и песната „Верувај“.