Koj ќе те трпи тебе (Ивана)?

Кој ќе те трпи тебе ваква Ивана? Повторно ми одѕвонува во глава. Со сета несовршеност, лутина, страст и оганчиња што ги расфрлаш насекаде кога гори? Зошто не можеш да бидеш обична? Ова не е прашање само за мене, оваа порака не демне сите нас како жени кога се осмелуваме и учиме да не дозволиме никој да ни го сопре гласот. Кој ќе те трпи тебе ваква, Ивана и што ако останеш сама во општество каде мора да си тивка, мила и невидлива, слушам пак? Се надевам никој, се надевам никој – помислувам. Затоа што начинот на кој го замислувам љубовникот постои само преку една фраза: придружи ми се во борбата за автентичност додека одлучувам да те држам за рака. Во спротивност, еднаш засекогаш ќе научам каква глупост е ова и ќе уживам да сум бесна, бунтовна и среќно сама.

Кој ќе те трпи тебе (Ивана)? Од најмали па во текот на целиот живот како жени добиваме пораки какви треба да бидеме. Тоа никогаш не престанува. Со текот на годините само се зголемува и ја менува формата. Сепак, идејата која треба да преземеме е една – ќе бидеме допадливи и сакани само ако им одговараме на сите што мислат дека можат да бараат од нас да бидеме вакви или онакви.

Кога почнуваме да размислуваме повеќе за себе и тоа што ни е потребно, се појавува тој важен бран со поставувањето граници, каде често трескаме некоја врата и спуштаме слушалка на телефон. Истовремено плачеме многу, криво ни е за работи кои пропаднале, за сета несигурност во нашите тела, мисли, животи. За сите работи кои сме можеле да ги направиме само ако видиме колку сме битни со својата автентичност. Само ако за момент сме можеле да се ослободиме од глупостите што некој некогаш ни ги кажал за нашата вредност и сме застанеле.

Во борбата за себе, растењето, градењето на својот интегритет и стекнувањето став позади кои сакаме да стоиме, често како жени се соочуваме со стравот дека нашата гласност и асертивност нема да бидат пожелни. Нема да кријам, истото го доживувам и јас. Колку повеќе го слушамe својот глас, толку повеќе се откриваме себе. Исто така, ги препознаваме гласовите кои ни говореле дека со таа своја храброст, бунтовност и автентичност, не само што нема да имаме партнери, туку и дека воопшто се поставува прашањето кој би сакал да трпи таква комплексна личност како нас. Во слушањето на нив препознавам куп жени со кои заедно гледаме во огледало. Наспроти нас, во одразот стои општество на кое не му одговараме.

Додека го пишувам ова чувствувам една мешавина од лутина и тага, затоа што овие пораки испраќани низ годините сепак успеваат да стигнат во нашите глави, дури и кога ни е совршено јасно дека не отстапуваме од она што сме и сме го изградиле. И покрај инаетот и покрај сета комплексност на тоа да ја имаме конечно слободата сами да истражуваме и да се откриваме себеси, ни го поставуваат прашањето: Кој ќе те трпи тебе, толку непредвидлива, толку динамична, толку чувствителнa? Кој би можел да издржи секогаш да има нешто во твојата глава и во твојот свет, каде што никогаш нема совршен мир, секогаш нешто ти недостасува? Зошто си секогаш толку незадоволна, толку критички настроена, толку сериозна? Можеш ли само да бидеш нежна и насмеана? Да се смириш? Знаеш ли дека само така ќе бидеш сакана?

И ова едноставно не престанува. Во различни форми, на разни начини. Трае со години. Го препознавам сега и се насмевнувам. Можеби и никој нема да ме трпи, помислувам во себе. Можеби, ако мојот пркос и тврдоглавост кои ги користам за да се борам и да верувам, се страшни и непожелни, можеби и никој, да. Можеби, ако тоа што сме, се подразбира како како некаков товар и задача за другиот – тогаш стварно не ни е потребно. Не само на мене, на ниту една жена. И, можеби тоа не само што не е страшно, туку нè ослободува.

Кој ќе те трпи тебе ваква Ивана? Повторно ми одѕвонува во глава. Со сета несовршеност, лутина, страст и оганчиња што ги расфрлаш насекаде кога гори? Зошто не можеш да бидеш обична? Ова не е прашање само за мене, оваа порака не демне сите нас како жени кога се осмелуваме и учиме да не дозволиме никој да ни го сопре гласот. Кој ќе те трпи тебе ваква, Ивана и што ако останеш сама во општество каде мора да си тивка, мила и невидлива, слушам пак? Се надевам никој, се надевам никој – помислувам. Затоа што начинот на кој го замислувам љубовникот постои само преку една фраза: придружи ми се во борбата за автентичност додека одлучувам да те држам за рака. Во спротивност, еднаш засекогаш ќе научам каква глупост е ова и ќе уживам да сум бесна, бунтовна и среќно сама. И сите девојки на кои ни се зборува ова ќе научиме како еднаш засекогаш да му треснеме врата на ваквиот свет и ќе бидеме повеќе од океј. Полни со оган и жед за живот. Многу задоволни од статусот сингл.

Авторката е културна работничка

* Колумните се лични ставови на авторите.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни