Кој пијалок најдобро го хидрира телото? Не е водата, ако така мислевте

Кога сте жедни и ви треба пијалок, што навистина најдобро го хидрира телото? Секако, можете да посегнете по чаша вода, но обичната вода не е најефикасниот пијалок за хидратација, според студија на Универзитетот Сент Ендрус во Шкотска, која ги споредила ефектите на различни пијалоци врз хидратацијата.

Истражувачите откриле дека, иако водата – било негазирана или газирана – добро и брзо хидрира, пијалоците што содржат мали количини шеќери, масти или протеини се поефикасни за одржување на хидратацијата подолг временски период.

Млекото хидрира подобро од водата

Професорот Роналд Моган од Медицинскиот факултет на Универзитетот објаснува дека телото различно реагира на разни течности. Првиот фактор е количината течност што ја внесувате: колку повеќе пиете, толку побрзо течноста се празни од желудникот и стигнува до крвотокот, каде што ги разредува телесните течности и ја овозможува хидратацијата.

Друг клучен фактор е составот на пијалокот. На пример, млекото хидрира подобро од обичната вода затоа што содржи шеќер (лактоза), протеини и масти – состојки што го забавуваат празнењето на желудникот и ја продолжуваат хидратацијата.

Млекото содржи и натриум, кој ја задржува водата во телото како сунѓер, поради што телото произведува помалку урина.

Сличен ефект имаат и течностите за рехидратација кои се користат при дијареја – тие содржат мала количина шеќер, како и натриум и калиум, кои помагаат водата подолго да остане во телото.

„Оваа студија го потврдува она што веќе го знаеме: електролитите, како натриумот и калиумот, ја подобруваат хидратацијата, а калориите во пијалоците го забавуваат празнењето на желудникот, што резултира со поретко мокрење,“ вели нутриционистката и личен тренер Мелиса Маџумдар, портпаролка на Американската академија за исхрана и диететика, која не учествувала во студијата.

Умереност со шеќерот

Сепак, не значи дека повеќе шеќер значи подобра хидратација. Пијалоците со висока содржина на шеќер – како овошните сокови или газираните пијалоци – не се нужно поефикасни. Иако подолго остануваат во желудникот, кога ќе стигнат до тенкото црево, шеќерот предизвикува осмоза – водата од телото се префрлува во цревата за да го разреди шеќерот, што всушност не придонесува за хидратација.

Освен што не се многу ефикасни, овие пијалоци содржат и дополнителни шеќери и калории кои не заситуваат како вистинска храна, додава Маџумдар. Ако треба да изберете помеѓу вода и кола за хидратација – секогаш изберете вода.

Нашите бубрези и црн дроб зависат од водата за елиминирање токсини од телото, а таа е и клучна за здрава кожа – најприродниот и најевтиниот хидратантен производ.

Зошто хидратацијата е важна

Останувањето хидрирано е важно бидејќи:

  • ги подмачкува зглобовите,
  • спречува инфекции,
  • овозможува транспорт на хранливи материи до клетките.

Во секојдневието, не мора да бидеме опседнати со тоа кој пијалок хидрира најдобро.

„Ако сте жедни, телото само ќе ви даде сигнал,“ вели Моган.
Но, за спортисти кои вежбаат во жештина и се потат многу, или за лица кои имаат замор и пад на концентрацијата, соодветната хидратација е исклучително важна.

Што е со пивото и кафето?

Алкохолот е диуретик – поттикнува мокрење. Но, кога станува збор за алкохолни пијалоци, важно е колкава е количината течност што ја внесувате.

„Пивото ќе предизвика помала загуба на вода од вискито, бидејќи со него внесувате повеќе течност,“ вели Моган. „Силните алкохолни пијалоци дехидрираат, додека разредените помалку.“

Кај кафето, клучен е кофеинот. Обична шолја кафе со околу 80 мг кофеин хидрира речиси исто како и водата, според студијата на Моган.

Ако внесувате над 300 мг кофеин дневно (околу 2–4 шолји), можеби ќе изгубите повеќе течности поради благиот диуретичен ефект. Ова е почесто кај лица кои не пијат редовно кофеин. Додавање малку млеко во кафето може да го ублажи ефектот.

Извор: Index.hr

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни