„Тоа ќе биде страница, каде секој од нас ќе може преку името на локалот да види на страницата што констатирале инспекциските надзори. Во случај да напишете име на субјектот, а да не ви излезе ништо, тоа значи дека врши дејност која не е регистрирана во соодветните регистри“, рече Муамеди.
Тој притоа најави етапно поднесување на нивните барања во однос на кочанската трагедија во која загинаа 61 лице. Ќе се почне со формално доставување до архивата на сите институции кои сметаат дека се надлежни за спроведување на барањата.
На прашање дали доколку нивните барања се игнорираат од страна на властите, иницијативата „Кој е следен“ би прераснала во политичка партија или политички субјект, Муамеди истакна дека моментално немаат таква амбиција и дека „тука се за системски промени“, бидејќи, како што вели, јасно ни е на сите дека кој и да дојде на власт, со ваков поставен систем,ништо нема да се смени.
-Ние секако дека ќе ги искористиме механизмите за остварување на барањата, но ништо не е исклучено во иднина, додаде Мухамеди. Околу прашањето колку луѓе стојат зад „Кој е следен“ и што е тоа што им дава политичка тежина тој рече дека директно во иницијативата се ангажирани околу шеесетина луѓе.
„Системот заборава, ние не!“ – под овој слоган, иницијативата најави уште еден протест што ќе се одржи утре, четврток, со почеток во 18:00 часот пред Владата. Од таму, предвиден е марш преку Судскиот совет и Собранието до Кривичниот суд.