Кој ќе ја води Палестина? Се почесто се споменува едно име

По новите меѓународни признанија на Палестина, се отвора прашањето за идното раководство. Марван Баргути, симбол на отпорот, добива најголема поддршка иако е во затвор.

Бранови на меѓународно признавање на Палестина – најпрво од страна на Велика Британија, Канада, Австралија, Португалија и Франција – ѝ дадоа на Палестина најсилна дипломатска поддршка досега. Но, тие го отвораат и старото прашање: Кој би можел да ја води државата?

Држава на хартија, но без јасни граници и влада

Палестина ги исполнува два клучни критериуми од Монтевидео: постојано население и способност за водење меѓународни односи.

Сепак, сè уште нема јасно дефинирана територија ниту функционална влада. Источен Ерусалим, Западниот Брег и Појасот Газа се поделени со израелска окупација и населби, а Газа е речиси целосно уништена по речиси две години војна. Тоа сериозно го отежнува какво било реално управување.

Поделено раководство и застарена политика

Палестинците живеат под две власти: Хамас владее со Газа, а меѓународно признаената Палестинска управа (ПА) со Западниот Брег. Махмуд Абас е на чело на ПА од 2005 година, додека Хамас ја контролира Газа од 2007 година.

Избори не се одржани веќе 18 години, што значи дека ниту еден Палестинец под 36 години нема гласано на национални избори. Расте цинизмот и незадоволството, додека политичкото единство изгледа подалеку од кога било.

Популарност зад решетки

Во вакумот што настана, сè почесто се споменува едно име: Марван Баргути. Висок член на Фатах и симбол на Втората интифада, Баргути е во израелски затвор од 2002 година.

Најновите анкети покажуваат дека дури 50% од Палестинците би гласале за него како претседател – далеку повеќе отколку за актуелниот Абас.

Иако Хамас бара негово ослободување преку размена на затвореници, Израел засега не покажува волја да го пушти на слобода.

Хамас надвор од игра, Абас без кредибилитет

Западот и арапските земји кои ја усвоија „Њујоршката декларација“ бараат Хамас да ја предаде власта и оружјето на Палестинската управа. Хамас сигнализираше дека би ја препуштил власта на независна влада на технократи, но договор сè уште нема.

Од друга страна, Махмуд Абас има речиси 90 години и нема поддршка меѓу народот. Многу Палестинци и аналитичари сметаат дека е потребна нова генерација на раководство, но условите за нејзино појавување се многу ограничени.

Меѓународните признанија не се доволни

Како што изјавува поранешната советничка Дијана Буту, „новите признанија можат да бидат вредни, но сами по себе не ја менуваат реалноста“. Потребни се единствено раководство, одржување избори и обнова на институциите. Без тоа, ни симболичката поддршка од светот не може да ја претвори Палестина во функционална држава.

Клучната непознаница

Додека Израел продолжува со проширување на населбите и се заканува со анексија, а САД го блокираат полноправното членство во ОН, иднината на палестинската државност останува неизвесна.

Една работа е сигурна – ако и кога Државата Палестина навистина заживее, ќе мора да најде лидер кој има легитимитет кај сопствениот народ и може да ги обедини поделените територии и политички фракции.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни