Во четврток 22. мај со почеток во 19:00 часот, во Францускиот институт во Скопје ќе се одржи книжевна средба, насловена „Ти си поезија”, со eминентниот француски професор и театролог Патрис Павис.
На средбата, којашто ќе биде со консекутивен превод, ќе има и литературни читања на извадоци од делата на Павис од страна на студентите од Факултетот за драмски уметности и Филолошкиот факултет во Скопје „Блаже Конески”.
Оваа книжевна средба претставува можност публиката да се запознае делото на Павис, а воедно ќе биде претставен и неговиот роман „Ти си поезија”, преведен на македонски јазик од страна на „Перун Артис”.
Разговорот ќе го водат: Деспина Ангеловска, професорка на Факултетот за драмски уметности во Скопје, теоретичарка на театарот, авторка и преведувачка, и Владимир Мартиновски, декан на Филолошкиот факултет „Блаже Конески” во Скопје, поет и писател.
Оваа средба е дел од еднонеделниот престој на Павис во Скопје. Тој, од 19 до 22 мај, ќе одржи театарски работилници со студентите од Факултетот за драмски уметности и Филолошкиот факултет „Блаже Конески”.
Воедно, Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје ќе му ја додели почесната титула Doctor Honoris Causa.