Францускиот институт во Скопје, во соработка со Факултетот за драмски уметности и Филолошкиот факултет “Блаже Конески“ – Скопје, на 22 мај во 19 часот организира книжевна средба со Патрис Павис, еминентен француски професор и театролог со светско реноме, во текот на која ќе разговараме за неговиот неверојатен творечки опус и академска кариера како предавач на три континенти и како автор на најчитаните и најпреведуваните речници за театарот и изведувачките уметности.
Средбата со Патрис Павис ќе ја анимираат: г-ѓа Деспина Ангеловска, професорка на Факултетот за драмски уметности во Скопје, теоретичарка на театар и драма, авторка и преведувачка и Владимир Мартиновски, професор на Катедрата за општа и компаративна книжевност, декан на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, писател и поет.
Во рамките на средбата ќе биде претставен и романот на Патрис Павис, „Ти си поезија“, преведен на македонски јазик во издание на „Перун Артис“.