Во чест на 13 Ноември – Денот на ослободување на Скопје, како и во рамките на одбележувањето на својот 78. роденден, Градската библиотеката „Браќа Миладиновци“ ја организира промоцијата на книгата „Книжевна мапа на Скопје“ од Моника Илкова. Промоцијата е закажана за во 12 часот во спомен-собата „Т’га за југ“. За делото ќе говори Весна Мојсова Чепишевска, а фрагменти ќе чита актерот Андреј Серафимовски.
„Книжевна мапа на Скопје“, во издание на Центарот за култура и културолошки студии, е дело во кое Илкова ја истражува новата македонска книжевна сцена кај која односот кон градот повторно се пројавува како една од доминантните творечки преокупации.
„Следејќи ја хронологијата на книжевните дела поврзани со Скопје што ни ја овозможува Илкова, повторно се потврдува дека како што посочува и таа: „Скопје во секој период од своето постоење бил најубав град, само тоа, речиси секогаш (барем во книжевноста), отпосле му е признаено“, подвлекува Иван Антоновски, уредник на книгата.
Весна Мојсова Чепишевска истакнува дека книгата му е потребна и на Скопје, затоа што преку книжевната и културолошка анализа го прикажува во различни периоди на неговиот развој за кои различни генерации имаат носталгија.
„Ама оваа книга, поради истражувачката темелност со која се одликува им е потребна и на македонската книжевна наука и на македонската културологија“, пишува во рецензијата Мојсова Чепишевска.
Моника Илкова е родена во 1993 година во Битола. Има дипломирано и магистрирано на Катедрата за македонска книжевност и јужнословенски книжевности на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Од 2017 година работи како лектор по македонски јазик на Филозофскиот факултет при Универзитетот во Ниш. Освен со книжевност, се занимава и со графички дизајн.
Настанот е дел од богатата програма на Град Скопје – европска престолнина на културата за 2028 година.
Фото: Градска библиоитека „Браќа Миладиновци“