Книги кои вреди да се прочитаат

Читањето на добри книги е поважно од кога било, особено во предизвикувачки времиња кога литературата има многу важна улога. Taa не престанува да биде извор на емпатија, критичко размислување и рефлексија и ги предизвикува читателите на дијалог со она што го читаат.

Направивме избор на важни книжевни дела на неколку издавачки куќи кои ви ги препорачуваме за читање. Станува збор за дела кои се општествено ангажирани, нивната актуелност е повеќе од очигледна, но и нивниот книжевен квалитет преку кој ја брануваат јавноста. Сите изданија се преведени или оригинално издадени на македонски јазик и може да се најдат низ книжарниците во земјава, а за нив може да се прочитат и книжевни рецензии и согледби онлајн. Во нашиот денешен избор ќе ги најдете авторката Хан Канг, Георги Господинов, Елин Кулхед, Румена Бужаровска и нивните романи.

,,Вегетаријанка од Хан Канг


Романот на корејската авторка Хан Канг е добитник на Нобеловата награда за литература за 2024 година. Таа е исклучително значајна и наградувана авторка која денес предава креативно пишување во Сеул. На македонски романот ,,Вегетаријанка” е објавен од издавачката куќа ,,Артконект” во превод на Ацо Пероски од англиски јазик. Станува збор за книга која ја разбранува светската јавност не само по нејзината впечатливост и ангажираност, туку и поради директното занимавање со теми како животната средина, веганството и вегетаријанството, менталното здравје и патријархатот. Оттаму, во книгата следиме неколку приказни кои длабоко емотивно и вешто го отсликуваат животот на протагонистиката Jонг-хе која ги поврзува сите нив. ,,Вегетаријанка” не само што нема да ве остави мирни додека размислувате за неа, туку и ќе ве поттикне да преиспитате многу важни ставови кои неминовно ги предизвикува овој роман, а се поврзани и со темата за општествено ангажирана литература денес и нејзината важност.

,,Еуфорија” од Елин Кулхед

Овој исклучителен роман е преведен на повеќе од дваесет јазици и ја следи последната година од животот на познатата Силвија Плат, преку длабоко промислување на нејзиниот живот, мајчинството, патријархатот но и нејзините соништа. ,,Еуфорија” е роман кој ги тера читателите да се втурнат во истражување на познатата писателка и без претходно да ја познаваат, но и уште повеќе да ја засакаат да се свртат кон читање на книжевното наследство од Плат по завршувањето на овој роман. Елин Кулхед успеала да напише дело кое му зборува на универзалното женско искуство, на страдањето и болката од кои произлегува потребата да се биде свој, автентичен и доследен на себе на многу потресен начин кој останува во глава долго по читањето. Книгата е во одличен превод на Катерина Јосифоска и издание на издавачката куќа ,,Илика”. Авторката на романот веќе гостуваше во Скопје и читателите имаа можност да се запознаат со комплексниот процес на неговото создавање, но и со самата авторка.

,,Засолниште во времето” од Георги Господинов

Господинов многу брзо стана еден од омилените европски автори уште со неговата ,,Физика на тагата” која ја освои Европа, но и светот. Неговата последна книга преведена на македонски од Душко Крстевски е ,,Засолниште во времето”, објавена во издавачката куќа Или-Или. Овој роман е добитник на Букеровата награда во 2023 година и токму како што вели неговиот наслов, прави важен пресек меѓу личните истории, минатото и она што во учебниците се чита како историја која се учи и на која се сеќаваме. Станува збор за неодминлива книга, преку која протагонистот и неговиот лик Гаустин ќе ве одведат во клиниката на минатото каде тоа се реконструира за да го поттикне заборавеното сеќавање на голем број на пациенти. Господинов и во овој роман е емотивен и не го остава читателот рамнодушен, а токму преку него како автор се потсетуваме колку важноста на раскажувањето на личните приказни во книжевноста има огромно значење.

,,Тони” од Румена Бужаровска

Секоја книга од Румена Бужаровска, македонската авторка, есеистка, преведувачка и професорка со нетрпение се очекува кај нас. Нејзиниот последен роман ,,Тони” не го избегна ова и претставува книга која мора да се прочита доколку ја следите нашата современа книжевна сцена. Бужаровска во ,,Тони” директно го отсликува современото патријархално општество преку главниот лик Тони кој живее на стара слава и се храни од грижата на другите за него. Сепак, неговите избори ќе предизвикаат трагични настани кои ќе влијаат на неговите блиски, а неговите постапки и сликата за неговиот карактер остануваат по читањето на книгата како точка за радикално преиспитување на општеството во кое живееме, но и прашања поврзани со токсичната машкост, насилството и она што се премолчува. Романот на Румена веќе има силно влијание на македонската книжевна сцена и е објавен во издавачката куќа ,,Три”. Тој е директен, смел и реален, ќе ве натера да се растажите, но и да се замислите околу она што го читате кое е дел од суровата стварност.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни