Книгата „Се викам Храброст“ на „Арс Ламина“ се најде во престижниот светски каталог „The White Ravens 2025“

Наградуваната книга „Се викам Храброст“,  која е во издание на „Либи“, дел од „Арс Ламина – публикации“, се најде на престижната книжевна листа „The White Ravens“ за 2025 година.

Оваа селекција секоја година ја прави Интернационалната младинска библиотека од Минхен, објавувајќи листа на најдобри книги за деца и млади, од автори од целиот свет, кои ги препорачува во својот годишен каталог.

„Се викам Храброст“ е дело посветено на 50 исклучителни жени од нашето минато и од нашата сегашност. Од Сирма Војвода до Вера Ацева и Илина Арсова, оваа книга зборува за жени кои со својот дух, упорност и истрајност успеале да се афирмираат како силни женски личности кои ќе го посветат животот или, пак, ќе го дадат својот живот за повисоки цели и за исполнување на нивните сништа. Книгата  е наменета за помладата читателска публика и за сите оние што бараат инспирација. Идејата за создавање вакво дело е токму тоа – да им се даде насока и мотивација на младите девојчина да го пронајдат својот животен пат низ примери што ќе ги инспирираат. Пораката на ова издание е да бидеме љубопитни, храбри, вредни и да си поставуваме високи предизвици, а потоа напорно да работиме за да ги постигнеме. И никогаш, никогаш да не престанеме да сонуваме – исто како и хероините на „Се викам Храброст“.

Ова уникатно издание се издвојува и со впечатливиот графички дизајн и умешно осмислен визуелен идентитет. Во основата на дизајнот е поп-арт стилот, со динамичен колорит – како контраст за црно-белите фотографии и архивски документи. Книгата е своевиден споменар со колажи, доцртувани елементи и исписи.

Книгата „Се викам Храброст“ во мај годинава беше прогласена за најкреативно издание на наградите на  Македонската асоцијација на издавачи (МАИ). Ова енциклопедиско издание со 50 инспиративни приказни од животот на македонските хероини е приредено од Надица Фирфова, а зад впечатливиот графички дизајн и визуелниот идентитет на книгата стои дизајнерката Анета Илиевска.
Каталогот за „The White Ravens“ е најважното издание на Интернационалната библиотека за млади во Минхен, кој се издава со цел да ги промовира најдобрите книги за деца и млади од целиот свет. Се работи за листа на книги кои заслужуваат светско внимание поради универзалните теми што ги обработуваат, како и поради нивниот исклучителен уметнички и литературен стил. Каталогот, кој ќе биде промовиран за време на Саемот на книгата во Франкфурт (15-19 октомври) има 215 наслови, на 49 јазици, од 63 земји од светот.  

„Се викам Храброст“, која е единствена книга на македонски јазик оваа година во каталогот, ќе биде претставена и на претстојниот Саем на книгата во Франкфурт, како дел од официјалната селекција на „White Ravens“, а потоа и на Саемот на книгата во Болоња 2026.

Изминатите години во престижниот каталог „The White Ravens“ се најдоа и „Девојче и мече“ од Ване Костуранов ( 2019) и „Бајки од Македонија за цела година“ (2020) во издание на „Арс Ламина“. 


Книгата „Се викам Храброст“ е достапна во сите поголеми книжарници и онлајн преку www.literatura.mk

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни