Книгата на Саркози за затворските денови продадена во речиси 100.000 примероци за помалку од една недела

Книгата на поранешниот француски претседател Никола Саркози, насловена „Дневник на еден затвореник“, во која тој го опишува престојот во затворот каде што поминал помалку од три недели, е продадена во речиси 100.000 примероци за помалку од една недела, соопшти издавачката куќа „Фајар“, оценувајќи го успехот како „феноменален“.

Според податоците на Институтот NielsenIQ GFK за книжевниот пазар, книгата достигнала 98.610 продадени примероци само неколку дена по појавувањето во книжарниците, со што се искачи на првото место на листата на најпродавани изданија, пренесува BFM.

Делото, кое има 216 страници и е во продажба од 10 декември, беше објавено точно еден месец откако Саркози беше пуштен на слобода под судски надзор, по престојот во парискиот затвор „Ла Санте“, каде што беше притворен од 21 октомври.

Саркози ја започна промоцијата на книгата најпрвин во Париз, Марсеј и Мантон. Во неа, 70-годишниот поранешен претседател пишува дека неговиот некогаш остар став кон криминалот добил сосема поинаква перспектива по кривичната пресуда за незаконско здружено финансирање на претседателската кампања во 2007 година со средства од Либија.

Во септември судот му изрече затворска казна од пет години, но Саркози поднесе жалба и беше пуштен на слобода под судски надзор откако помина само 20 дена зад решетки.

Книгата нуди редок увид во животот зад ѕидовите на затворот „Ла Санте“, каде што Саркози, од безбедносни причини, бил сместен во самица и целосно изолиран од другите затвореници.

Извор: N1info.rs

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни