Ретко дело од Климт стана најскапото модерно уметничко дело продадено на аукција

Портретот „Елизабет Ледерер“ достигна рекордни 236,4 милиони долари на аукцијата на Sotheby’s

Во вечер исполнета со возбуда, наддавање и историски преседани, портретот „Елизабет Ледерер“ од Густав Климт стана најскапото модерно уметничко дело некогаш продадено на аукција, достигнувајќи неверојатни 236,4 милиони долари на првата аукција што Sotheby’s ја одржа во својата нова њујоршка централа. Делото, создадено во последните години од животот на Климт, преживеало пожар во Имендорф, по што неговата вредност со децении растела во очите на колекционерите.

Престижната аукција, која беше дел од колекцијата на Леонард А. Лаудер, ги надмина сите очекувања: со делата што беа понудени вечерта Sotheby’s заработи 706 милиони долари, додека колекцијата на Лаудер сама достигна над 527 милиони – речиси сто милиони повеќе од првичните процени.

Наддавањето започна силно со дела од Едвард Мунк (35,1 милион) и уште едно дело од Климт (86 милиони), а атмосферата ја вжешти скулптурата на Александар Колдер која трипати го надмина својот максимум. Но, меѓу најкоментираните моменти беше необичната златна тоалетна школка на Маурицио Кателан. И покрај медискиот публицитет, „Америка“ доби само една понуда – од Ripley’s Believe It or Not! – и беше продадена за 12,1 милиони долари.

Новите рекорди стигнуваат во момент кога глобалниот пазар на уметност се бори со пад на продажбите и затворања на галерии, но вчерашниот успех на Sotheby’s се чита како сигнал за можно оживување на премиум сегментот. Следниот потенцијален рекорд е веќе на повидок: делото на Фрида Кало „El sueño (La cama)“ би можело да ја собори историјата на најскапо продадено дело од жена уметник.

Sotheby’s продолжува со „маратонот“ на аукции, стремејќи се да ја надмине границата од една милијарда долари до крајот на неделата.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни