Климатските промени и европските скијачки центри

Климатските промени ја загрозуваат иднината на европските скијачки центри, а новото истражување покажа дека дури и машините за вештачки снег само делумно ќе го надополнат недостатокот на природен снег.

Околу половина од европските скијачки центри се изложени на висок ризик од недостаток на снег доколку просечната глобална температура се зголеми за 2 степени, покажува истражувањето објавено во научното списание Nature Climate Change.

Огромното мнозинство на скијачки центри се изложени на ризик
Доколку температурата се зголеми за 3 степени овој век, 91 отсто од европските скијачки центри би биле изложени на ризик да немаат доволно снег за зимски спортови. А ако температурата се покачи за 4 степени, тогаш снег би недостасувал во речиси сите скијачки центри во Европа.

Речиси половина од сите скијачки центри во светот се наоѓаат во Европа, а истражувањето опфатило 2234 скијачки центри во 28 европски земји.

Алпите се особено погодени

Ако глобалните напори би го ограничиле зголемувањето на глобалната температура на 1,5 степени, како што е предвидено во Парискиот договор, само 32 отсто од скијачките центри би биле под ризик од недостаток на снег. Тој удел би се намалил на 14 до 26 отсто со вештачки снег.

Според проекциите, Алпите би биле особено погодени. Со глобалното затоплување од 3 степени, ризикот од недостаток на снег без вештачки снег би бил 100 отсто во германските Алпи, 94 отсто во Австрија, 93 отсто во Франција и 87 отсто во Швајцарија.

Што треба да прават скијачките центри?
Кога глобалното затоплување би се ограничило на 1,5 степени, што според експертите е сè поневеројатно, ризикот од недостаток на снег на германските Алпи би бил 20 отсто, во Австрија 7 отсто, во Франција 4 отсто, а во Швајцарија 5 отсто.

Скијачките центри треба да инвестираат во машини за вештачки снег, кои би обезбедиле сигурно снабдување со снег во дел од годината во некои области. Некои експерти забележуваат дека тоа ќе ја зголеми побарувачката за вода и електрична енергија, како и емисиите на стакленички гасови во скијачките центри.

Авторите на истражувањето повикуваат да се преиспита дали некои региони треба да останат зависни од зимскиот спортски туризам, особено со оглед на големата потрошувачка на енергија и вода кои се веќе дефицитарни во некои планински области.

Извор: index.hr

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни