Студијата на Истражувачката група за медицински биодиверзитет и паразитологија на Универзитетот Гете во Франкфурт сугерира дека зголемувањето на температурите ќе доведе до тоа на тропските и суптропските инсекти да им е сè поудобно во Европа.
Студијата е нарачана од германската мрежа за борба против занемарени тропски болести.
Меѓу инсектите кои можат да пренесуваат заразни болести е и азискиот тигрест комарец. Може да пренесе денга, жолта треска или вирус зика на луѓето.
Овој тип на комарци по потекло е од Јужна и Југоисточна Азија, но поради зголемувањето на глобалните температури веќе може да се најде во делови од Централна Европа. Ларвите на комарците се развиваат побрзо кога е топло.
Користејќи го примерот на тигрестиот комарец, истражувачкиот тим предводен од биолозите Сара Кунзе и Свен Климпел пресметал колку погодни живеалишта ќе се прошират во Европа во зависност од температурата.
Во вториот чекор, научниците испитуваа како различните температури влијаат на преносот на патогени.
Тие открија дека дури и со глобално зголемување на температурата за помалку од два Целзиусови степени, во иднина ќе преовладуваат климатски услови поволни за пренос на заразни болести во речиси сите делови на Европа.
Научниците препорачуваат едукација на населението и сметаат дека е неопходно да се едуцираат лекарите за вакцинација, дијагноза и терапија на заразни тропски болести.
Азискиот тигрест комарец може да пренесе над 20 различни вируси
„За земјите како што се Италија, Франција и Шпанија ова претставува многу лошо сценарио. Тие не можат да ги елиминираат азиските тигрести комарци повеќе, туку само се обидуваат да го намалат нивниот број и да ги минимизираат ефектите“, изјави Соерен Метелмен, научник од британскиот Универзитет во Ливерпул.
„Азискиот тигрест комарец може да пренесе над 20 различни вируси како што се денга, чикунгуња, зика, жолта треска, а исто така и некои од филарните црви“, изјави тој.
Метелмен и објасни трите фази преку кои се пренесува инфекцијата предизвикана од комарци.
„Причинител на инфекцијата (пример заразен патник или мајмун), вектор (комарецот) и домаќин (човекот)“.
Комарецот потекнува од суптропските региони на северна Кина и централна Јапонија, но постепено се проширил во Северна Америка и Европа со посредство на „специјален механизам“.
„Овој вид ја има таа предност што може да полага јајца на крајот од годината кои можат да чекаат додека не заврши зимскиот период и од нив ларвите излегуваат кога температурите ќе бидат многу попогодни напролет“, вели Метелмен.
Тој предупреди дека климатските промени и глобалното затоплување можат додатно да играат улога во ширењето на тие инфекции преку комарците.
„Кога температурите се повисоки, бројот на комарците е поголем и тие стануваат заразни многу побрзо, што доведува до совршени услови за појава на епидемија“, рече тој.
„Уште позагрижувачко е што овој комарец веќе предизвика две епидемии со приближно 300 и 500 случаи во Италија, како и голем број случаи на денга во јужна Европа. Имаше и случај на зика во Франција оваа година“.
Со цел да се спречи ширењето на болестите и на комарците понатаму, Метелмен посочи дека активното набљудување и прскање со инсектициди за убивање на ларвите може да помогне во намалувањето на епидемиите.
Патот на азискиот тигрест комарц од Југо-Источна Азија до Македонија
Потекнува од Југо-Источна Азија. За прват кај нас е откриен во југоисточниот регион во август 2016 ,од страна на ентомолошкиот тим при ЈЗУ Центар за јавно здравје-Скопје. Денес е проширен и во населените места околу Нова Железничка Станица во Скопје. Тие бодат во текот на денот и се потенцијални пренесувачи на болести како што се Денга, Чикунгунија и Зика.
Како можеме да го спречиме нивното проширување?
Мора да се преземат индивидуални и колективни мерки со цел да се отстранат сите потенцијални места за нивно размножување.
Се започнува од дома!
Азискиот Тигрест комарец се развива онаму каде што има вода, дури и капка вода му е доволна за негов развој. Затоа е потребно да се лоцира секоја стоечка водена површина истата да се отстрани, да се испразни. Преземајќи заеднички акции ќе успееме во борбата комарците да не дојдат во контакт со водата.
Задачи на институциите:
Министерството за здравство, Институтот за јавно здравје, Центрите за јавно здравје, Факултетот за земјоделски науки и храна, Факултетот за ветеринарна медицина, Природно-математичкиот факултет (Институт по биологија) се должни да изготват Национална програма за надзор на инвазивните комарци и нивна контрола, Акционен план, Елаборат за спроведување превентивна дезинсекција како мерка за заштита од заразни заболувања. Единиците за локална самоуправа финансираат и спроведуваат мерки за контрола на векторите (комарците).
Град Скопје финансира и спроведува превентивна дезинсекција на 10 градски општини, а останатите 7 приградски општини од сопствени средства спроведуваат.