Но и покрај ова признание, тие не се откажуваат од целта.
Сè повеќе се зборува за концептот „overshoot“ – привремено пробивање на лимитот, проследено со постепено намалување на температурите назад под 1.5°C. Тоа не е трајно отстапување, велат експертите, туку ризично патување во „црвената зона“, од која човештвото мора да се врати што е можно побрзо.
Научниците алармираат за точките на пресврт
Моменталната средна температура е околу 1.3°C над прединдустриското ниво, а минатата година краткотрајно го проби и прагот од 1.5°C. Според научниците, преминувањето на овој праг е „практично неизбежно“, што може да предизвика сериозни и неповратни промени во климатскиот систем.
„Реално ризикуваме да активираме неповратни промени кога ќе ја преминеме границата од 1.5°C,“ предупреди Јохан Рокстром од Институтот за климатски истражувања во Потсдам. Тој наведува можни сценарија: исчезнување на коралните гребени, силни топлотни бранови, сушење на Амазонија и растопување на големите ледените плочи на Гренланд и Антарктикот.
Слични предупредувања се содржани во специјалниот извештај на ОН од 2018 година, кој го дефинира 1.5°C како граница под која светот мора да остане за да избегне најлоши сценарија.
„Ова не е таргет или амбиција – ова е лимит,“ нагласува Рокстром. „Сè што е над тоа ја зголемува човечката патња.“
ОН: Надминувањето е неизбежно, но не и трајно
Иако со години инсистираа дека целта од 1.5°C е достижна, високите претставници на ОН сега признаваат дека надминувањето е речиси сигурно во наредните години.
Шефот на ОН за клима, Сајмон Стиел, изјави на почетокот на климатскиот самит во Белем дека „светот мора и може да ги врати температурите под 1.5°C по привременото надминување“.
Генералниот секретар Антонио Гутереш беше уште поостар:
„Надминувањето е неизбежно – но тоа не значи дека 1.5°C е изгубено засекогаш.“
Долги децении во опасната зона?
Концептот на overshoot се базира на претпоставката дека по целосно напуштање на фосилните горива, природните „апсорбенти“ – океаните и шумите – ќе почнат да ја намалуваат концентрацијата на јаглерод диоксид во атмосферата. До одреден степен би помогнале и идните технологии за отстранување на CO₂ од воздухот.
Но овие технологии не се развиени доволно за да понудат брзо решение.
„Без масовно отстранување на CO₂, управувањето со overshoot е невозможно,“ предупреди Отомар Еденхофер, главен економист во Институтот Потсдам.
Според анализата на Climate Action Tracker, дури и со максимални напори за намалување на емисиите, светот ќе ја пробие границата околу 2030 година, ќе достигне околу 1.7°C и нема да се врати под 1.5°C пред 2060-тите.
Но сегашниот курс е уште полош – температурите би продолжиле да растат и по 2100 година.
„Пред десет години имавме уредна патека кон избегнување на 1.5°C. Денес? Не успеавме,“ признава Рокстром.
Извор: Euronews
