Климатските преговори на земјите членки на Обединетите нации завршија во Бразил без обврзувачки план за постепено укинување на фосилните горива, и покрај ширoките очекувања дека COP30 ќе донесе најамбициозен договор досега. Веста ја пренесоа светските агенции.
Околу 200 држави во Белем го потпишаа завршниот документ кој го охрабрува светот – но само на доброволна основа – да ги засили напорите за намалување на емисиите кои го загреваат светот.
Конференцијата, која траеше две недели, заврши значително помалку амбициозно отколку што бараа европските земји. Во еден момент постоеше страв дека нема да се постигне ниту минимален консензус.
Европската унија инсистираше на конкретен и временски прецизиран план за постепено напуштање на нафтата, јагленот и гасот, но такви обврски не беа вметнати во документот.
Германскиот министер за животна средина Карстен Шнајдер изрази разочараност, коментирајќи дека државите производители на нафта „спречија посилна обврска за премин кон чисти енергенси“.
Француската министерка за еколошка транзиција, Моник Барбју, директно ги обвини Саудиска Арабија, Русија и Индија дека „одбиваат да разговараат за напуштање на фосилните горива“.
САД не учествуваа на COP30 во Бразил.
На самитот беше договорено богатите држави до 2035 година трипати да ја зголемат финансиската поддршка за посиромашните земји, со цел тие полесно да се справат со последиците од климатските промени.
Стручњакот за финансии од Оксфам, Јан Ковалциг, го критикуваше договорот, велејќи дека недостига јасна почетна година и точна финансиска рамка. Според него, поддршката најверојатно ќе биде „далеку под 120 милијарди долари годишно“, што го бараат земјите во развој.
Последната деценија е најтоплата во историјата на мерењата. Научниците предупредуваат дека границата од 1,5 степени Целзиусови се очекува да биде пробиена веќе на почетокот на 2030-тите, што значи почести бури, пожари, суши и поплави.
За Бразил, домаќинот на конференцијата, исходот е под очекувањата. Претседателот Луиз Инасио Лула да Силва побара конкретни планови за намалување на глобалната зависност од фосилните горива и за запирање на уништувањето на шумите.
И покрај тоа што COP30 се одржа на влезот од Амазонската прашума – симбол на планетарната биолошка разновидност – нов план за шумите не беше усвоен. Само беше потврдено постоечкото ветување дека уништувањето на шумите ќе запре до 2030 година.
Бразил го претстави и фондот Tropical Forest Forever Facility (TFFF), со кој државите кои ги штитат прашумите ќе добиваат 4 долари по хектар годишно, додека оние кои ги уништуваат ќе плаќаат казна од 140 долари по уништен хектар.
