Поранешната професорка на Филозофскиот факултет во Нови Сад, Јелена Клеут, изјави дека нема потврда дали факултетот навистина испратил ургенција до Управниот суд, со која би ѝ се овозможило привремено враќање на работа до завршување на судската постапка што таа ја покренала.
Клеут, која во средата доби отказ, по состанокот со европратеникот Владимир Пребилич, за медиумите потврди дека поднела тужба до Управниот суд и побарала привремена мерка – да ѝ се дозволи да се врати на работното место додека судот одлучува по нејзината жалба за неизбор во звањето редовна професорка.
Таа изјави дека има информации оти Филозофскиот факултет подготвувал ургенција до судот, но дека досега не добила официјална потврда дека документот е навистина испратен.
На прашањето дали е во контакт со Деканатот на Филозофскиот факултет, Клеут посочи дека деканот Миловоj Алановиќ воспоставил контакт непосредно пред потпишувањето на решението за престанок на нејзиниот работен однос.
„Доколку пред сите овие случувања немаше потреба да се видиме, тогаш навистина не сакам деканот да ликува над моето отпуштање“, изјави Клеут.
Таа на 21 јануари официјално остана без работно место, откако проширениот Сенат на Универзитетот во Нови Сад го одби нејзиниот приговор на претходната одлука со која не беше избрана во звањето редовна професорка, иако, според неа, ја добила потребната поддршка низ пропишаната процедура.
По протестот на нејзините колеги и студенти истиот ден на Филозофскиот факултет, деканот Алановиќ повикал полиција, која со сила ги отстранила присутните од зградата. Според извештаите, при интервенцијата биле повредени повеќе лица.
Од тој ден, во универзитетскиот кампус континуирано се присутни полициски возила.
