Со новото правило на Град Скопје да не се фрла отпад од 22 часот навечер до 6 часот наутро се воведува и нова казна од 50 евра за непослушните.
Советот на Градот Скопје го изгласа предлог на новиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски за да го подобри собирањето на отпадот и да спречи создавање диви депонии околу контејнерите.
Секој што ќе ја прекрши забраната ќе се соочи со казни.
Од Градот објаснуваат дека оваа мерка им дава правен основ на инспекторите и комуналните редари да санкционираат физички и правни лица што нема да го почитуваат дозволениот термин за одлагање отпад.
Претседателот на советот, Даме Димитровски, ја поздрави мерката, посочувајќи дека слични практики функционираат и во други метрополи.
„Во Истанбул имаше само 15 минути дозволено време за фрлање ѓубре рано наутро. Во Токио секој вид отпад има точно утврден термин за собирање. Верувам дека кога ќе воведеме и корпи за селекција, системот ќе биде уште поефикасен“, изјави Димитровски.
Но, мерката наиде и на силна критика. Советничката на Левица, Катерина Јовановска, ја оцени како скандалозна.
„Не може вината за нефункционалноста на комуналното претпријатие да се префрла врз граѓаните. Ограничувањето кога смеат да фрлаат ѓубре, па уште и со казни, е невиден скандал“, рече Јовановска.
Покрај забраната за фрлање ѓубре, советниците изгласаа и ребаланс на буџетот со 37 гласа „за“, еден „против“ и еден „воздржан“.
