Ќе се вратат ли блокадите на границите? Превозниците бараат итно решение од ЕУ

Можно ли е ново блокирање на балканските граници кон ЕУ? Превозниците стравуваат од санкции поради правилото 90/180 и новиот електронски систем, додека институциите уверуваат дека се работи на решение.

Прашањето за евентуални нови блокади на граничните премини кон Европската Унија повторно се отвори откако дел од регионалните медиуми објавија дека Европската комисија ги одбила предлозите професионалните возачи да не се третираат како туристи.

Проблемот произлегува од примената на правилото 90/180 дена, според кое возачите од земјите од Западен Балкан можат да престојуваат во ЕУ максимум 90 дена во период од 180 дена. Доколку го надминат овој лимит, се соочуваат со депортација и забрана за влез. Превозниците тврдат дека тие не се туристи, туку професионалци кои ја одржуваат трговијата и транспортот во регионот.

Дополнителен притисок: новиот електронски систем

Ситуацијата дополнително се комплицира со воведувањето на новиот електронски систем за влез и излез (ЕЕС), кој автоматски го регистрира времето на престој. Според превозниците, овој систем го забрзува достигнувањето на дозволениот лимит и носи ризик од таканаречен „црн печат“, односно санкции за пречекорување.

Министерството демантира шпекулации

Од Министерството за транспорт ги отфрлаат информациите дека Европската комисија ги одбила предлозите и апелираат да не се шират непроверени вести.

„Министерството за транспорт е во постојана комуникација со превозниците, како и со Европската комисија со цел изнаоѓање решение во рамки на новата визна стратегија. Се отвора можноста возачите да бидат третирани како професионалци, како и можности за друг вид визи. Би сакале да потенцираме дека е најавено одложување на примената на ЕЕС системот и дека активно сите чинители работат на решавање на овој проблем“, велат од Министерството.

Според нив, дијалогот продолжува преку техничка работна група со засилена динамика.

Превозниците бараат привремено решение

Превозниците посочуваат дека новата визна стратегија на ЕУ предвидува признавање на статусот на професионален возач, но додека процедурите траат, неопходно е привремено решение.

Тие бараат договор до април, а нов состанок со институциите е најавен за две недели.

Комората предупредува, но останува оптимист

И Стопанската комора внимателно ја следи состојбата. Претседателот Бранко Азески порача дека ограничувањето на движењето на луѓето и стоките е сериозен удар врз економијата, но изрази оптимизам дека може да се постигне компромисно решение.

Дали ќе има нови протести?

На крајот на јануари превозници од Македонија и регионот организираа координирани блокади на граничните премини поради строгата примена на правилото 90/180. Протестите беа прекинати откако Европската комисија најави дека ќе ја разгледа можноста за специјални визи за професионалните возачи.

Превозниците предупредуваат дека не сакаат повторно да се соочуваат со притвори и забрани за влез во европските земји поради административни ограничувања.

Дали ќе има нови блокади ќе зависи од тоа колку брзо ќе се најде практично решение – трајно или барем привремено – за да се избегне нов застој на трговските текови на Балканот.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни