Ќе се одржи третата меѓународна конференција за фриленсери во Македонија

Македонската фондација „Импакт“ по трет пат го организира најголемото собирање на фриленсери во земјата – конференцијата „Freelance is for Freedom“, која ќе се одржи на 18 октомври 2025 година (сабота) во CoWork 21, Скопје.

На настанот ќе учествуваат осум странски експерти – говорници од водечките европски фриленс сцени, кои ќе претстават нови перспективи за фриленсерството како модел на иднината. Темите ќе опфатат алтернативни начини на работа, кои нудат слобода, флексибилност и глобална поврзаност.

Покрај меѓународните гости, македонски модератори и говорници од различни професионални области ќе ги споделат своите искуства со цел да го приближат фриленсерството до новите почетници. Трендовите, како што истакнуваат организаторите, покажуваат дека сѐ повеќе професионалци се одлучуваат за ваков начин на работа кој овозможува автономија и самостојно градење на кариерата.

„Во Македонија, фриленсерството расте како динамичен и сеопфатен сектор, во кој се вклучуваат ИТ професионалци, новинари, консултанти, преведувачи, проектни менаџери, едукатори и други специјализирани кадри кои секојдневно ги придвижуваат иновациите во општеството. Овој модел на работа ја зајакнува конкурентноста и ја проширува видливоста на македонските таленти во глобалната работна мрежа“, вели Елена Ивановска, директорка на Фондацијата „Импакт“.

Конференцијата ќе опфати и панел-дискусии за законските можности и обврски на фриленсерите во Македонија, пласманот на виртуелните асистенти од Македонија и Хрватска на светскиот пазар, наоѓање клиенти онлајн, работа од дома во вонредни услови, како и теми како фриленсерството и мајчинството, и патот од претприемништво кон фриленс и обратно.

Програмата ќе отвори простор за споделување знаење, практични решенија и меѓународна соработка, со цел понатамошно јакнење на фриленс заедницата.

Настанот се реализира со поддршка на Central European Initiative (CEI), Сава Пензиско, А1 Телеком Македонија, Дајнерс Македонија, како и на тренинг центрите Semos Education, SMX Academy, Next Gen Academy, Avenga Academy, М6, и коворк просториите Startup Club Skopje и CoWork 21, како и платформата SkillSpotterZ.

„Нашата мисија е да поттикнеме просперитетен екосистем кој овозможува раст на приватниот сектор, а воедно обезбедува развојот да остане инклузивен, правичен и општествено одговорен“, додава Ивановска.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни