Палестинското движење Хамас објави дека делегација предводена од нивниот лидер Халил ал Хаја денес пристигнала во Каиро, со цел да се постигне договор за продолжување на спроведувањето на договорот за примирје во Газа, како и за разговори со посредници и палестинските фракции.
Ал Хаја, кој не живее во Газа, се наоѓаше во Египет неколку дена пред потпишувањето на примирјето со Израел, но ја напушти земјата и се врати во Катар, каде што престојува поголемиот дел од времето.
Во меѓувреме, Израелските одбранбени сили (IDF) соопштија денеска дека започнале серија напади врз цели на Хамас во јужниот дел на Појасот Газа, како одговор на „грубо прекршување“ на примирјето од страна на ова палестинско движење.
Како што се наведува, Израел истовремено ја прекинал испораката на хуманитарна помош за Газа до понатамошно известување, а овој потег е директно поврзан со ескалацијата на судирите, пренесе порталот Ynet.