Ќе има ли повеќе „чудовишни“ бури како Мелиса? Климатските промени го засилуваат гневот на океаните

Кога ураганот Мелиса минатата недела го погоди Јамајка, тоа беше една од најсилните атлантски бури што некогаш направиле удар врз копно. Со налети на ветер до 295 километри на час и врнежи над еден метар дожд, ураганот остави зад себе пустош низ целиот Карибски Регион.
epa12488128 A house is damaged by Hurricane Melissa in Kingston, Jamaica, 28 October 2025. Hurricane Melissa made landfall in Jamaica with maximum sustained winds of nearly 295 kilometers per hour (185 miles per hour), torrential rains, and storm surges that threaten to cause flooding and damage. EPA/Rudolph Brown

Научниците од Грантам институтот при Империјал колеџ во Лондон, користејќи модели со висока резолуција, утврдиле дека ваква бура би била речиси невозможна во постудената, прединдустриска ера можела да се случи еднаш на осум илјади години. Денес, во значително потопла клима, ваков ураган може да се очекува на секои околу илјада и седумстотини години, што значи дека ваквите екстреми стануваат четирикратно поверојатни.

Според анализата, глобалното затоплување ја зголемило јачината на ветровите на Мелиса за околу 19 километри на час. Доколку светот се загрее за уште два степени Целзиусови горната граница поставена со Парискиот договор слични бури би можеле да бидат и до 26 километри на час посилни отколку пред индустриската револуција.

„Температурата на површината на Карипското Море е повисока од вообичаеното, а знаеме дека климатските промени директно придонесуваат за тоа,“ вели професорот Ралф Туми, директор на Грантам институтот. „Потоплите океани создаваат услови за посилни и поразорни бури.“

Тропските циклони црпат енергија од топлите мориња. Според организацијата Climate Central, човековата активност веќе ги загреала океаните повеќе отколку што природно би биле, создавајќи основа за појак ветер, поинтензивни врнежи и повисоки морски бранови.

Во случајот на Мелиса, морската вода била за 1,2 до 1,4 степени потопла од просекот за октомври. Овие услови, според научниците, биле од 500 до 800 пати поверојатни поради човековото влијание врз климата.

Климатологот Ед Хокинс направил споредбена реконструкција со ураган од 1903 година што исто така ја погодил Јамајка. Во симулација на истата бура, но во денешните потопли услови, тој утврдил дека врнежите би биле далеку поинтензивни практично претворајќи ја во модерна верзија на Мелиса.

Научниците предупредуваат дека климатските промени не значат нужно дека ќе има повеќе урагани, туку дека оние што ќе се формираат ќе бидат поразорни, со побрзо интензивирање и посилни ветрови.

Според Union of Concerned Scientists, само во две години од почетокот на сателитската ера (1960) се регистрирани три или повеќе урагани од категорија пет — во рекордната 2005 и во сегашната 2025 година, со ураганите Ерин, Умберто и Мелиса.

„Океанот во делот каде што се формираше Мелиса е како котел што премногу долго врие,“ вели д-р Акшај Деорас од Националниот центар за атмосферски науки во Велика Британија. „Температурата на водата е околу 30 степени, што е два до три степени над нормалата, а топлината продира длабоко. Ако оваа бура се случеше пред неколку децении, над поладен океан, никогаш немаше да достигне ваква сила.“

Додека планетата продолжува да се загрева, експертите предупредуваат дека ураганот Мелиса можеби е само предвесник на идните „чудовишни“ бури што ќе го обликуваат новото лице на климатската криза.

Извор: Euronews

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни