Од повеќе соседни земји на Иран пристигнуваат извештаи за напади и експлозии. Новинар на Reuters јавува дека во главниот град на Катар, Доха, се слушнале повеќе детонации, додека информации за силни експлозии доаѓаат и од Абу Даби, пренесува Deutsche Welle.
Во воздушен напад врз воена база на ирачката армија загинала едно лице, соопштил портпарол на базата. Во Кувајт се огласиле сирени за тревога, а Бахреин, според државната новинска агенција, потврдил дека бил цел на напад.
Иран: Нападнати четири американски бази
Иранските вооружени сили објавија дека нападнале вкупно четири американски воени бази во регионот. Според Fars News Agency, цел биле: Al Udeid Air Base во Катар, Al Salem Air Base во Кувајт, Al Dhafra Air Base во Обединетите Арапски Емирати и базата на американската Петта флота во Бахреин
Според израелските власти, Иран испалил и ракети кон Израел. Армијата соопшти дека биле детектирани проектили лансирани од Иран, по што во повеќе делови од земјата била активирана воздушна тревога. Дел од ракетите биле пресретнати, но има и жртви.
Цената на нафтата веќе расте
Големото прашање сега е: како овој конфликт ќе влијае врз глобалниот пазар на нафта?
Уште во петокот, по неуспешните преговори во Женева, цената на нафтата на светските пазари порасна за околу 3%. Бидејќи берзите во сабота се затворени, вистинскиот ефект врз пазарот ќе стане јасен дури во понеделник.
Историјата покажува дека ваквите кризи знаат драматично да ја подигнат цената:
- 1990 – по ирачката инвазија врз Кувајт, нафтата Brent поскапе за 30% во 48 часа
- 2003 – пред инвазијата на Ирак, цената порасна за 15%
- 2019 – по нападот со дронови врз Abqaiq во Саудиска Арабија, цената скокна 20% за еден ден
- 2022 – по нападот на Русија врз Украина, нафтата поскапе 35% во четири дена
Ормускиот теснец – клучното „грло“
Главното стратешко оружје на Иран е Strait of Hormuz – теснецот низ кој поминува околу една петтина од светската понуда на нафта. Практично, најголемиот дел од извозот од Персискиот Залив мора да помине токму таму.
По нападите, Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати наводно веќе го зголемиле извозот во очекување на можни нарушувања во снабдувањето. На состанокот на членките на OPEC и нивните сојузници, кој е закажан за недела, првично требало да се разговара за умерено зголемување на производството – околу 137.000 барели дневно во април. Но, поради новите околности, квотата би можела да биде значително поголема.
Осигурувањето поскапе, ризикот расте
Осигурителната компанија Lloyd’s of London веќе ја зголеми премијата за воен ризик (War Risk Premium) од 0,125% на околу 0,3% од вредноста на бродот. За танкер вреден 100 милиони долари, тоа значи осигурување од околу 300.000 долари.
За танкери поврзани со САД или Израел, премијата достигнува и 0,7%. Дополнително, полисите сега важат само 24 часа, по што ризикот повторно се проценува.
Некои компании веќе го суспендирале сообраќајот низ теснецот, но за нафтата од Персискиот Залив практично нема алтернативен пат.
Ќе има ли нов ценовен шок?
Персискиот Залив е тесен и плиток, што ја отежнува заштитата на танкерите со поголеми воени бродови. Во услови на растечки тензии, секој инцидент – па дури и изолиран потег на понизок воен командант – може да предизвика драматични последици.
Пазарите веќе реагираат со нервоза. Доколку конфликтот продолжи или се прошири, аналитичарите предупредуваат дека светот може да се соочи со нов ценовен бран на енергенсите – со директни последици врз инфлацијата, транспортот и секојдневните трошоци на граѓаните.
Прашањето „Ќе има ли нафта?“ засега нема едноставен одговор. Но едно е сигурно – Ормускиот теснец повторно стана најчувствителната точка на светската економија.