Видно потресениот канадски премиер Марк Карни вчера им порача на граѓаните дека земјата ќе ја надмине трагедијата по „ужасното“ масовно пукање во средно училиште во покраината Британска Колумбија.
„Ќе го пребродиме ова. Ќе научиме од ова“, изјави Карни пред новинарите, во еден момент на работ на солзи. „Сега е време да се обединиме, како што Канаѓаните секогаш прават во вакви ужасни ситуации – да се поддржиме, заедно да тагуваме и заедно да растеме. Канада тагува со вас.“
Премиерот соопшти дека наредил знамињата на сите државни институции да бидат спуштени на половина копје во наредните седум дена, по трагедијата во градот Тамблер Риџ, каде во едно од најтешките масовни убиства во поновата канадска историја загинаа најмалку 10 лица.
Детали за нападот
Според Кралската канадска коњичка полиција, седум лица, вклучително и напаѓачот, биле пронајдени мртви во средното училиште во Тамблер Риџ. Уште две лица биле пронајдени мртви во куќа поврзана со инцидентот, додека едно лице починало на пат кон болница.
Најмалку две лица се хоспитализирани со тешки и животозагрозувачки повреди, а до 25 лица се згрижени поради повреди кои не се опасни по живот.
Полицијата засега не соопшти колку од жртвите се малолетни. Родители се собраа во локалниот општествен центар, очекувајќи информации за судбината на своите деца.
„Тоа е ситуација со која никогаш не сакате повторно да се соочите… призорот беше поразителен. Родители само чекаа вести дали нивното дете ја преживеало пукањето“, изјави локалниот пастор Џорџ Роу за CBC News.
Осомничената пронајдена мртва
Полицијата соопшти дека осомничената напаѓачка е пронајдена мртва и се верува дека извршила самоубиство. Надлежните не веруваат дека постои дополнителна закана за јавноста.
Во првичното полициско предупредување таа била опишана како „жена во фустан со кафена коса“. Подоцна било потврдено дека станува збор за истото лице пронајдено мртво во училиштето.
Иако Канада има построги закони за оружје од САД, граѓаните можат да поседуваат огнено оружје со дозвола. Од 2020 година наваму беа воведени дополнителни ограничувања за одредени видови оружје, како одговор на претходни масовни пукања, но дел од предложените забрани беа повлечени поради противење од земјоделци и ловци.
Трагедијата повторно ја отвори дебатата за безбедноста во училиштата и контролата на оружјето во Канада.
Извор: Beta/AP
