Се расчистува просторот во Градскиот парк во Скопје, на локацијата каде што е предвидена изградбата на новиот луна парк. Старите дискотеки, кои со години функционираа како бесправно изградени објекти, се отстрануваат, а теренот се подготвува за реализација на еден од најавуваните градски проекти.
Информацијата ја соопшти скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски преку објава на Фејсбук, придружена со видео од расчистувањето на просторот. Тој посочи дека со уривањето на старите објекти се отвора патот за изградба на современ луна парк, каков што, според најавите, Скопје досега немало.
Градоначалникот уште во декември минатата година информираше дека е започната постапката за јавна набавка за проектирање и монтажа на новиот луна парк. Според најавите, комплексот ќе се простира на површина од 84.000 квадратни метри и ќе понуди богата содржина за сите возрасни групи.
Меѓу предвидените реквизити се панорамско тркало, пиратски брод, подморница, „среќна лулашка“, интерактивни игри, како и зони со виртуелна реалност.
