Китот првпат се појави во 2019 година и се најде на насловните страници со шпекулации дека извршува шпионска работа за Кремљ. Познато е дека руската морнарица тренирала китови за воени цели, но руската влада никогаш не ги потврдила или негирала наводите дека нејзината војска го обучувала Хвалдимир.
Д-р Шпак вели дека китот веројатно избегал од базата во Арктичкиот круг и дека не верува оти бил шпион.
Шпак, која работеше во Русија од 1990-тите на истражување на морски цицачи до враќањето во родната Украина во 2022 година, верува дека Хвалдимир пристигнал од руска база и бил обучен да чува воен објект во Арктичкиот круг.
Таа, исто така, рече дека верува дека Хвалдимир избегал само затоа што бил палав хулиган. „За мене тоа е 100 проценти вистина“, изјави таа за Би-Би-Си. Името китот го доби како комбинација од норвешкиот збор за кит – Хвал, и името на рускиот претседател Путин – Владимир.
Шпак не сакаше да ги именува своите руски извори, но откри дека веднаш штом китот се појавил во Норвешка, Русите веднаш го идентификувале животното како нивно.
„Преку ветеринарот и тренерот стигна порака дека им недостасува белуга по име Андруха“, рече Шпак, потсетувајќи дека Андруха/Хвалдимир првпат бил фатен во 2013 година во Охотското Море.
Откако Хвалдимир беше пронајден мртов во септември, тој беше извлечен од морето со кран и пренесен во блиското пристаниште за да го прегледаат експерти.
Но, причината за смртта не беше веднаш видлива.
Научниците рекоа дека само неколку дена пред неговата смрт Хвалдимир бил во добра состојба. Морскиот биолог Себастијан Странд изјави за норвешката телевизија NRK: „За жал, го најдовме Хвалдимир како плови во морето“.
„Почина, но причината не ни е јасна“, рече тогаш тој, додавајќи дека на животното не се видливи поголеми повреди.
Норвешката полиција започна истрага откако две групи за заштита на животните поднесоа жалба во која тврдат дека животното е убиено. Полицијата извести дека причина за смртта на белугата е стап од 35 на три сантиметри заглавен во устата.
Китот првпат бил забележан од норвешки рибари во близина на северниот остров Ингоје, недалеку од Арктикот во градот Хамерфест во април 2019 година, недалеку од руските води. Носел појас на кој била прикачена мала камера и тока со натпис „Опрема Санкт Петербург“, што доведе до шпекулации дека е руски шпион. Во следните години, Хвалдимир беше виден во неколку норвешки крајбрежни градови и брзо стана јасно дека е многу питом и дека ужива да си игра со луѓе.