Во галеријата „Марк Минјау“ во Брисел вечер ќе биде отворена самостојна изложба на слики и цртежи „80 години – 80 дела“ на уметникот Киро Урдин, основач на уметничкото движење Планетаризам.
Како што информира „Остен“, награден со највисоката награда „Уметник на светот“ на ОСТЕН Биенале Скопје 2024 и изложуван во Националната галерија на Северна Македонија, Киро Урдин се враќа од Токио, Њујорк, Детроит и Мексико Сити, од неговата изложба на Меѓународниот саем на современа уметност „Арт Тесалоники“ во Солун со Микеланџело Пистолето и од изложбата во Големата салата „Бранкузи“ на Палатата на Парламентот во Букурешт за да прикаже избор од своите нови дела, вклучувајќи повеќе од 80 цртежи, кои се објавени во неговата најнова книга „Линии и бои“, која ќе биде промовирана на отворањето на изложбата.

Изложбата за публиката ќе биде отворена од 6 до 28 јуни годинава.
„Киро Урдин е еден од најважните македонски уметници кој е пионер на глобалното авангардно движење, Планетаризам, кое ја редефинира современата уметност со спојување на космички теми, футуристичка апстракција и метафизичка длабочина. Неговото дело не само што ја воздигнува македонската уметност на меѓународната сцена, туку и ги премостува културните и научните дискурси, инспирирајќи нов начин на согледување на местото на човештвото во универзумот. Како визионер, влијанието на Урдин се протега надвор од естетиката – неговата филозофија поттикнува уметничка иновација, интердисциплинарно размислување и универзална перспектива што ги надминува националните граници, а сепак ги одразува неговите македонски корени“, потсетува „Остен“.
Киро Урдин (роден во 1945, Струмица, Македонија) е визуелен и мултимедијален уметник, филмаџија и уметнички основач на движењето Планетаризам. Неговото творештво опфаќа сликарство, филм, танц, скулптура, фотографија, литература и филозофија, со централен фокус на обединување на културите и уметничките дисциплини. Првично обучен како адвокат на Универзитетот во Белград, Урдин преминува во новинарство пред целосно да се посвети на уметноста. Подоцна студирал на Академијата за пластични уметности и дипломирал како филмски режисер на Париската филмска школа во 1977 година.
Урдин ги изложува своите слики на меѓународната уметничка сцена од 1986 година., со изложби во поголемите градови како Јокохама, Лос Анџелес, Лондон, Стокхолм и Братислава. Неговото најпознато дело, Планетариум, е слика во масло од 48 метри квадратни создадена во текот на две години на повеќе од 30 локации низ светот, вклучувајќи ги Ерусалим, Њујорк, Берлинскиот ѕид, Големите пирамиди во Гиза, Мачу Пикчу и Кинескиот ѕид. Проектот симболично обединува разновидни културни и историски локалитети во единствена уметничка визија. Сликата, сега сместена во Музејот на уметност „Дунубиана Меуленстин“ во Братислава, исто така беше инспирација за документарен филм, Планетариум, кој ја освои наградата за најдобар документарен филм на Меѓународниот фестивал за независни и документарни филмови во Њујорк во 2005 година.
Во соработка со кореографката Деби Вилсон и композиторот Венко Серафимов, Урдин го проширува проектот Планетариум во изведба на современ танц. Со премиера во Торонто, балетот оттогаш е изведуван во повеќе градови, вклучувајќи ги Охрид, Скопје, Чикаго и Анкара, а беше прикажан за време на 60-годишнината од Обединетите нации во Женева.
Покрај сликарството и филмот, Урдин има објавено 15 книги со афоризми и поезија, вклучувајќи ја книгата со поезија „Роман“, од која неговата поема „Светлина“ беше избрана за фестивалот Пушкин во Москва. Неговата уметничка филозофија, вклопена во слоганот на движењето Планетаризам – „Една точка насекаде, сè во една точка. Една уметност насекаде, сè во една уметност“, го отсликува неговиот животен стремеж за уметничко и културно единство.
Тој е член на Македонската академија на науките и уметностите и витез на францускиот ред за уметности. Урдин, како што се наведува, продолжува да истражува нови креативни граници, поврзувајќи дисциплини и традиции за да создаде вистински глобален уметнички јазик.