Македонскиот народен театар се простува од својот долгогодишен член на ансамблот, актерот Кирил Поп Христов (1967–2026), театарски, филмски и телевизиски уметник кој со децении беше дел од македонската културна сцена.
Поп Христов дипломирал на Факултетот за драмски уметности во Скопје при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, на отсекот за актерска игра, во класата на професорот Љубиша Георгиевски во 1989 година. Од 1993 до 2014 година бил дел од ансамблот на Македонскиот народен театар, а во 2018 година повторно се враќа на истата сцена, продолжувајќи ја својата актерска работа во институцијата.
Во текот на својата богата театарска кариера, Поп Христов оствари бројни улоги во претстави на сцената на МНТ. Меѓу нив се улогите на Дон Хусман во „Свадбата на Фигаро“, Антинор во „Троил и Кресида“, Пејач во „Мара/Сад“, Мик во „Домар“, Крсто во „Ослободување на Скопје“, Џиги во „Павилјони“, Џокер Мори Шербијак во „Бетмен – враќањето на црниот витез“, Осман бег во „МКС“, Микољка во „Злосторство и казна“, Срета во „Народен пратеник“, како и улоги во претставите „Соната на сеништата“, „Крик“, „Ричард Трети“, „Антица“, „Луди за љубов“, „Ревизор“, „Буре барут“ и други.
Покрај сцената, Поп Христов имаше значајна кариера и во филмот и телевизијата. Тој играше во филмовите „Еј“, „Скопје Ремиксд“, „Панкот не е мртов“, „Самитот на шаманите“, „Бал-кан-кан“, „Збогум на дваесетиот век“, „Преку езерото“, „Нечиста крв“, „Македонска сага“ и „Тетовирање“.
Беше дел и од телевизиски проекти како „Марика лета со авион“, „Пикасо“, „Досие Скопје“, „Во светот на бајките – Трите светски камења“, „Македонски приказни – Христос и комарџијата“, „Трст виа Скопје“ и „Бумбари“.
Освен актерската работа, Поп Христов се појавува и како композитор на филмот „Судијата“ од 2002 година, во режија на Жанета Вангели.
Со својата долгогодишна работа на сцената на Македонскиот народен театар, како и со бројните улоги во филмот и телевизијата, Кирил Поп Христов остави значаен белег во македонската култура.
Од МНТ изразија сочувство до неговото семејство, пријателите и колегите.