Кирил и Методиј – заштитниците на Европа

Просветлувањето на словенските народи е подвиг што тешко може да се спореди со кој било друг просветителски чин во историјата на човештвото. Затоа сите словенски народи и денес ги слават солунските браќа, а во црковните обраќања ги именуваат како еднакви на апостолите на Исус Христос.

Светот во времето на Кирил и Методиј

Деветтиот век во Европа и светот е прилично турбулентен период, исполнет со цивилизациски подеми и падови, научни отритија и крвави судири. Тоа е период кога во Кина е отпечатена првата книга – Дијамантската сутра, шахот пристигнува во Јапонија, започнува пропаста на цивилизацијата на Маите во Америка, Викинзите започнуваат со огромни напади низ западна Европа, империјата на Каролинзите го доживува својот врв – а наскоро потоа и падот. Персиецот Мухамед ибн Муса ал Кваризми ја создава алгебрата и го дефинира решавањето на квадратни равенки. Словените се покрстуваат.

Чешка Република

Мисијата кај Хазарите

Во таа доба Кирил и Методиј, солунските браќа, се едни од најучените теолози и мисионери  на Византиската Империја. Во време кога основната писменост била најретката од ретките вештини, браќата од Солун биле лингвисти.

Затоа, императорот Михаил III и патријархот од Константинопол Фотиј, го праќаат Кирил на мисија кај Хазарите – полуномадски народ кој во тоа време бил населен меѓу Црното и Каспиското Море. Во тоа време Хазарите биле во потрага по религија за себе и во ретко виден културен преседан, поканиле учени од редот на Евреите, муслиманите и христијаните да им ги претстават своите религии и тие да одберат од нив. Кирил (во тоа време сè уште под името Константин) бил оној го презентирал и бранел христијанството пред хазарскиот кан, на иста маса со врвните теолози од другите две религии.

Украина

Мисијата кај Словените во Моравија

Сепак, она што ги става солунските браќа на светлите страници од човековата историја е нивната мисија кај Словените во Моравија. Во 862 година, принцот Растислав од Велика Моравија (првата голема држава на западните Словени) праќа писмо во Константинопол до Михаил III и Фотиј, во кое од нив бара веќе покрстените Моравци да добијат пристап до верските книги и литургии на словенски јазик. Фотиј повторно се врти кон својот најдобар мисионер и го задолжува Кирила да ги преведе светите книги на старословенски јазик и заедно со брат му Методиј да отидат во Моравија и да започнат со мисионерска работа на приближување на суштината на христијанството до Словените.

Браќата се зафатиле со епохално дело во кое создале писмо за една од најголемите групи на јазици кои се дел од Индоевропското јазично семејство – старословенскиот јазик. Нивно дело е создавањето на Глаголицата – првата словенска азбука, на која превеле големи делови од христијанските свети книги и со чија помош ја вршеле својата мисионерска работа. Овој нивни чин, бездруго е едно од врвните дела на просветлувањето и има огромно влијание врз правецот на развојот на човековата цивилизација и историја.

Во Моравија Кирил, Методиј и нивните ученици, се нашле под удар на германофоните свештеници кои дотогаш биле црковна власт во Моравија, Во многу наврати обвинувани за ерес и богохулие од истите тие германски свештеници, Кирил и Методиј отишле и пред римскиот папа Адријан Втори, кој ја овластил употребата на словенскиот јазик и глаголицата во црквата, ги поставил во свештенички чин Методиј и учениците, а Константин, се замонашил во редот на монасите на Свети Василиј Цесариски кога го примил името под кое го памети светот – Кирил. Педесет дена по замонашувањето, на 14 февруари 869 година, Кирил починува во Рим. Методиј со учениците се враќа во Моравија како архиепископ на Моравија и Панонија каде работи до својата смрт на 6 април 885 година.

Охрид

Наследството на Кирил и Методиј

Просветлувањето на словенските народи е подвиг што тешко може да се спореди со кој било друг просветителски чин во историјата на човештвото. Затоа сите словенски народи и денес ги слават солунските браќа, а во црковните обраќања ги именуваат како еднакви на апостолите на Исус Христос.

Директен производ на работата на Кирил и Методиј се секако и нивните ученици и наследници: Климент Охридски, Наум Охридски, Горазд, Сава Охридски и Ангелариј. Кои по смртта на солунјаните, доаѓаат во Охрид и во Плиска и таму основаат литературни школи, кои описменуваат и образуваат стотици свештеници кои потоа ја шират словенската писменост. Во овие школи се појавува и кирилицата – азбука со која денес се служат стотици милиони луѓе низ светот.

Монета со вредност од две евра – Словачка

Сосема логично е и што многу универзитети, факултети и училишта од сите рангови го носат нивното име. Нивното место е токму таму, во просветната, просветителска дејност.

Кирил и Методиј се прогласени за светци и во католичката и во православната христијанска црква, а ги слави дури и англиканската црква. Нивното дело е екуменско и наднационално и се славени како сесловенски светители. Колку се почитувани и славени од сите Словени, зборува фактот дека првиот римски папа со словенско потекло Јован Павле Втори, во апостолското полсание Egregiae virtutis од 31 декември 1980 година, ги прогласува Кирил и Методиј за Заштитници на Европа. Веројатно, заштитници на Европа е и најсоодветниот епитет којшто одговара на големината на делото на солунските браќа – тие се преголеми за да бидат дел од сеќавањето и сопственост на само еден народ.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни