Македонскиот електронски музичар Кирил Џајковски го објави новиот сингл „Head High“, како прва најава за неговиот претстоен албум Memory Paradox. Албумот ќе биде објавен за неколку месеци под етикетата Filter Label и ќе содржи дел од дваесетината нови песни на кои Џајковски работеше во изминатите две години со повеќе соработници.
„Head High“ од денеска е достапна на сите дигитални музички платформи и претставува спој на хип-хоп и драменбејс звук. Во песната, Џајковски повторно соработува со TK Wonder, која е редовна соработничка и препознатливо име на македонската музичка сцена.
Темата на песната е ангажирана и се фокусира на соочување со предрасуди, верба во себе и борба против нееднаквоста. Иако досега не беше официјално објавена, „Head High“ веќе подолг период е дел од фестивалските настапи на Џајковски и е позитивно прифатена од публиката, што беше една од причините токму таа да биде избрана како прв сингл од новиот албум.
Песната е достапна на сите музички платфори на следниот линк.
