Кирил Џајковски приреди музички спектакл во НОБ: Емоции, овации и незаборавна вечер

Синоќа, сцената на Националната опера и балет беше домаќин на вистински музички спектакл кој долго ќе се памети. Кирил Џајковски, пионерот на електронската музика и истакнат композитор на филмска и театарска музика, приреди незаборавна вечер полна со емоции, носталгија и силна енергија. Концертот, кој претставуваше ретроспектива на неговото 25-годишно творештво за филм, кулминираше со петминутен аплауз проследен со стоечки овации – подарок од публиката за мајсторот кој ја однесе низ едно уникатно аудиовизуелно патување.

Пред преполната сала, за првпат во живо, во придружба на филмски оркестар и врвни солисти, беше изведена музика од некои од највлијателните домашни и странски филмови: „Големата вода“, „Прашина“, „Сенки“, „Балканот не е мртов“, „Врба“, „Бал-кан-кан“, „Piargy“, „Трето полувреме“ и други. Под диригентство на Џијан Емин, а со учество на Владимир Крстев, Ратко Даутовски, Антоние Весковски, Андреј Трајковски и Игор Иванов, концертот беше технички прецизен и емоционално наелектризиран, докажувајќи дека музиката на Џајковски поседува моќ да допре до секој слушател, без оглед на генерација или вкус.

Во еден од најемотивните моменти од вечерта, Џајковски им се заблагодари на сите режисери со кои соработувал, посебно поздравувајќи ги Милчо Манчевски и Иво Трајковски кои беа во публиката. Концертот им го посвети на своите родители, зборувајќи со видно трогната интонација. Се осврна и на својот брат, кој не можел да присуствува поради тоа што ги дели друг континент. Со нежност зборуваше и за своето семејство – сопругата и трите деца: Матеј, Дамјан и Елена, кои ги истакна како најголема инспирација.

Публиката посебно силно реагираше на виртуозната изведба на Владимир Крстев и на прецизното и страстно водство на Џијан Емин. А вистинска еуфорија настапи со изведбата на „Jungle Shadow“, кога публиката буквално скокна на нозе – ритамот ја разбуди секоја клетка во салата и атмосферата кулминираше со извици Бравооо!

Концертот беше сведоштво за зрелоста, длабочината и моќта на музиката што Џајковски ја создава. Со својата храбра визија и постојано истражување на нови музички територии, тој останува еден од најзначајните и највлијателни композитори на нашето време.

Настан за паметење. Вечер во која музиката зборуваше гласно и моќно!

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни