Токму таков момент ветува АКТО фестивалот за современи уметности, кој на 13 декември во МАККА Бар ќе ја претстави промоцијата на краткото видео city as a stage – ecological futures, како дел од пошироката иницијатива за оживување на просторот на некогашното кино во Железничката зграда.
Настанот, предводен од ритмите на ДЈ Соња Исмаил, ќе понуди предновогодишна уметничка дружба, но и нешто многу поважно, визија за иднината на еден јавен простор кој одамна чека своја нова приказна.
Проектот „Еколошки иднини“, заедничка иницијатива на ARCH+ и Гете-институтот, се занимава со сложените еколошки и социјални предизвици на современиот живот. Преку здружување урбани практичари, уметници, жители и културни институции, проектот трага по начини како локалните заедници да одговорат на климатските промени, урбаните проблеми и динамичните општествени процеси. Со текот на времето, оваа соработка создава растечки фонд на алатки, отворена архива што ја собира мудроста, искуството и практичните методи кои можат да се применат на различни простори ширум светот.
Во Скопје, локален партнер е Лабораторијата за просторно-изведувачки практики „Градот како сцена“, дел од платформата „Факултет за работи што не се учат“. Еден од главните фокуси е токму реактивацијата на киното во Железничката зграда, замислено како иднина на заеднички простор отворен за граѓаните, културните иницијативи и новите урбани процеси.
Настанот ќе ја отвори јавната расправа за тоа какво кино сакаме да создадеме за идните генерации – дали како културен центар, простор за еколошки дијалог, лабораторија за уметнички експерименти или живо место за средби и заедничко учење.
Програмата започнува во 20:00 часот, а преку низа кратки презентации ќе се разгледаат значењето на проектот и идните активности за 2025 година. Следува промоцијата на видеото кое документира една година истражување и работа во просторот на киното, како и свечено доделување сертификати на учесниците.
Вечерта ќе заврши со музички сет од ДЈ Соња Исмаил, која ќе создаде звучен мост меѓу минатото на просторот и неговата можлива иднина.
АКТО повторно потсетува дека градот е сцена, а секоја сцена е можност. Киното во Железничката зграда, полека, со внимателни чекори и големи визии, станува место каде што таа можност веќе почнува да се остварува.
