Од 21 септември во Кинотеката на Северна Македонија ќе започне нов циклус на филмски училници наменет за љубопитните основци кои сакаат да научат што е тоа филм, како се прави филм, и најпосле – самите да направат филм, информираат од таму.Филмските училници ќе се одржуваат во текот на десетина работни саботи, од крајот на септември до почетокот на декември, во видеотеката и киносалата на Кинотеката. Координатор на целата програма е режисерот Саша Станишиќ, искусен едукатор и филмски професионалец, а на тематски посветените часови гости-предавачи ќе бидат и монтажери, кинематографери, сценаристи, продуценти и филмски професионалци кои ќе ги воведат учениците во тајните на создавањето игран филм.Овие едукативни сесии, под наслов „FILMAY 2024“, Кинотеката ги реализира во рамки на поширокиот меѓународен проект FilmED (film education), финансиран од од Европската Унија преку програмата МЕДИА. Покрај Кинотеката, заедно со Гете-институт Скопје, како учесници од Македонија, партнерите во проектот доаѓаат од Полска (Centrum Kultury Filmovej im Andrzeja Wajdy), Унгарија (Nemzeti Filmintézet Közhasznú Nonprofit Zrt.), Чешка (Kruton) и Словачка (Kino Usmev), а координатор на проектот е Гете Институтот од Прага.Кинотеката на РС Македонија изминативе години има организирано филмски работилници, и давала логистичка поддршка на едукативни работилници за филм (организирани од надворешни соработници), но исто така и учествувала во меѓународни проекти од Erasmus + програмата кои подразбирале изработка на едукативни модули кои се достапни онлајн за обука на оние коишто сакаат да архивираат филмови и да го вклучат филмот во образовниот процес. Овој пат, во рамки на FilmED, искуството од филмската училница ќе го преточи во серија снимени туторијали кои преку веб-страницата на Кинотеката ќе бидат достапни за сите наставници кои сакаат да стекнат повеќе знаење за филмот и истото да го вклучат и пренесат, преку актуелните образовните програми, на учениците со кои работат.Филмската училница започнува на 21 септември, сабота, а сите заинтересирани можат да се пријават и информираат на тел. +389 78 398 085 или на и-мејл filmskaucilnica@gmail.com.