Денес со почеток во 12 часот, Кинотеката на Македонија ќе биде домаќин на конференција на темата „Примена и креирање видеосодржини за наставни цели“.
Конференцијата е дел од проектот „И… акција!“ во рамките на програмата на „Еразмус+“, поддржан од Европската Унија.
На самата конференција Кинотеката на Македонија, која е една од петте партнери во овој проект, ќе учествува со свои излагачи: Игор Старделов, советник филмолог и раководител на филмскиот архив во Кинотеката на Македонија, кој ќе има своја презентација на темата „Да се заштити и да се прикаже: прилози за развојот на филмската архивистика“, Александар Трајковски, виш филмолог во одделението за собирање, заштита, обработка и чување аудиовизуелни дела и придружна филмска документација, кој ќе ја презентира темата „Технички елементи на продукција на едукативно видео“, и Дамјана Патчева, виш филмолог во одделението за истражувачка, издавачка, јавна, меѓународна дејност, библиотечна дејност и филмска програма, која ќе ја презентира темата „Етапи на развој на проектот ’И… акција!’“.
Како дел од оваа конференција со свои презентации ќе учествуваат и Розалина Попова Коскарова (Педагошки факултет „Св. Климент Охридски“, УКИМ), на темата „Потреба од креирање видеосодржини за едукативни цели“, Марија Џиџева (филмска режисерка, обучувачка во рамките на проектот „И… акција“). на темата „Стисни копче и – акција!“, и Селсебил Караагач (професор во ПСУ „Јахја Кемал“, учесник на обука во рамките на проектот „И… акција“) на темата „Дигитализација на наставата, искуства, предности и позитивни страни“.
На конференцијата ќе се презентираат и резултатите од проектот „И… акција!“, како и развиените ресурси.