Кинотека во рамки на проектот Сезона на филмски класици ќе го реставрира Мис Стон

Кинотека соопшти дека оваа година ќе го реставира филмот МИС СТОН на Жика Митровиќ, во рамки на проектот „Сезона на филмски класици“ кој е во организација на Европската асоцијација на кинотеки – „ACE – Association des Cinémathèques Européennes“ .

На 20 мај Европската асоцијација на кинотеки го претстави годинашното издание на проектот „Сезона на филмски класици“, за време на 77-мото издание на Канскиот филмски фестивал и меѓу 24 европски институции чиј главен фокус е зачувување на филмското наследство, се најде и Кинотеката која оваа година аплицираше со дигитална реставрација на филмот МИС СТОН (1958).

По успехот од претходните години во кои Кинотеката ги реставрираше играните филмови МИРНО ЛЕТО (1961), ФРОСИНА (1952) и МЕМЕНТО (1967), како и трите етнолошки филмови на Вера Кличкова, за петтото издание на „Сезона на филмски класици“ Кинотеката дигитално ќе го реставрира МИС СТОН. Премиерата на оваа дигитално реставрирана копија ќе се одржи на 21 септември во летното кино на Кинотеката, како и ширум Европа преку онлајн проекција во живо. Водејќи се од начелото за подигање на јавната свест за активностите на европските филмски архиви кои одговорно и неуморно работат на зачувување и промоција на филмското културно наследство и развој на кино кулутрата, особено кај помладите генерации, Кинотеката го одбра овој значаен филм за македонската кинематографија со цел да биде дигитализиран и презентиран пред домашната, но и пред европски филмска публика.

Филмот МИС СТОН ја раскажува приказната за киднапирањето на американската протестантска мисионерка Елен Стоун и нејзината сопатничка Катерина Цилка од страна на четата на Јане Сандански кои за нивно ослободување бара откуп  кој  треба да служи за финансирање на македонската револуционерна борба. Главните улоги ги толкуваат Олга Спиридоновиќ, Илија Милчин, Марија Тоциноски, Илија Џувалековски, Петре Прличко и др. Филмот е снимен во колор синемаскоп техника, што своевремено била новина во југословенската филмска индустрија, а Олга Спиридоновиќ и Петре Прличко за своите улоги – Елен Стон и Манданата – биле наградени со „Златна арена“ за најдобра актерка и најдобар актер на филмскиот фестивал во Пула во 1959 година.

Годинашната програма на „Сезона на филмски класици“  е курирана од 24 европски институции, а филмската програма на ова издание ќе понуди разноликост – од раните неми класици, до научно-фантастични и ноар филмови како и филмски дела кои кои ги допираат темите за човештвото, ропството и доминацијата, авторитарните режими и меморијата.

Грантот за заедничка реставрација во вредност од 60.000 евра кој се доделува  секоја година  за поддршка на транснационални соработки меѓу филмски институции за зачувување и реставрација на филмот, оваа година ја доби проектот за реставрација на играната копродукција  КРАДЕЦ НА ПРАСКИ (1964) на бугарскиот режисер Вуло Радев. Дигиталната реставрација на овој филм ќе се реализира во партнерството помеѓу Југословенската кинотека, Бугарскиот национален филмски архив и Црногорската Кинотека.

Грант за реставрација доби и компилацијата на кратки филмови под наслов ФАНТАСТИЧНИ ЦВЕЌИЊА (1906-1920), која е соработка помеѓу Кралскиот филмски архив на Белгија, Ај Филммјузеум од Белгија и Филмскиот архив од Австрија.

Жирито кое одлучуваше за доделувањата на грантовите беше составено од унгарскиот режисер Иштван Сабо, заменик-директорот на АРТЕ за долгометражни филмови, Барбара Хебе и филмскиот куратор и едукатор, Ева Сангиорги, се наведува во соопштението од Кинотека.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни