Кинотека- филмските ленти на големите мајстори

На температура од околу 4 °C, што е просечна температура на домашните фрижидери, и влажност од 40% се депонирани филмските материјали кои се категоризирани како лесно запаливи. На такви ленти се снимени филмовите на Манаки.

Кинотека на Македонија која е национален филмски архив е формирана со закон во 1974 година. Сегашната локација, во зградата на библиотеката „Другарче“, и е адреса од 2005 година. Kинoтека е членка на Меѓународната федерација на филмски архиви (FIAF) и на Асоцијацијата на европски кинотеки (АСЕ). Фото објективот на Трн прошета низ филмскиот архив каде се архивирани и се обработуваат филмови и филмски материјали. Тука е и одделот за документација, составен од одделение за пишувана документација, фототека и библиотека. Сликата завршува во Одделот за јавна, истражувачка, и издавачка дејност.

„Кинотеката располага со фонд од над 16.000 филмски копии, 82.000 парчиња пропаганден материјал, фотографии и плакати, како и повеќе од 200 метри должни пишувани документи“, открива Владимир Ангелов, директор на Кинотека на Македонија, додека на екипата на Трн и ги покажува бројните филмски награди и признанија, камери и фотоапарати низ фоајето, кои го надополнуваат амбиентот дека тука има филмска историја.

Од многуте предмети внимание привлекува наградата „Златен лав“ на Милчо Манчевски за најдобар филм на Фестивалот во Венеција (1994). Но, со гордост Ангелов зборува и за оригиналните примероци на филмски прикажувачи на Димитри Османли. Првиот македонски дипломиран филмски и театарски режисер, прв македонски автор на игран филм (Мирно лето), автор на првата ТВ-драма снимена во скопското ТВ студио (Домот на мојот татко, 1967) и на првиот македонски ТВ филм (Враќање во рајот, 1969), снимени во студиото на ТВ Скопје и автор на поголем број радио-драмски режии.

Не беше изненадувачки тоа што објективот на Трн се фокусираше на поинакви објективи, оние од старите филмски камери, кои уште години ќе сведочат за знаењето на македонскиот филм.

„Тука може да видите 35 мм камера од марката Арифлекс, еден од најпознатите брендови за филмска опрема, на сите времиња. Не се знае точната година од кога потекнува камерата, но според истражувањата и серискиот број се чини дека е од 60-тите години на минатиот век“, се присетува Ангелов, со нетрпение да не одведе во ризницата на филмската историја.

По само неколку чекори од главниот влез, налик на сцена од филм, се издигнуваат пет тешки, метални врати, кои со надворешниот изглед оставаат впечаток дека внатре е спакувано целото филмско пулсирање. Станува јасно дека тоа е депото. Дека тука се полиците со непроценлива вредност, но и дека мора да се создадат идеални климатски услови за да може филмската архива да живее долго во иднината.

Колку е поладно толку подолго опстојуваат оригиналите

Депото за чување на националната кинематографија, изградено по најсовремени стандарди за складирање на аудиовизуелното наследство, е поделено во пет комори. Таму се наредени сите филмски материјали чиј опстанок пропишува поинакви воздушни услови.

На температура од околу 4 °C, што е просечна температура на домашните фрижидери, и влажност од 40% се депонирани филмските материјали кои се категоризирани како лесно запаливи. На такви ленти се снимени филмовите на Манаки.

„Филмските ленти се од органски материјал. Наједноставно објаснето, делот кој е фотосензитивен слој, е органски додека носачот е од полиестер. Тоа е причина да се заштитат на ниски температури и во контролирана влажност“- го објаснува Ангелов составот на филмските материјали кои се сензитивни, но се исклучителни по значење.

Во 1996 година беше направена аналогната дигитализација на филмовите на Манаки кои се носеа во Будимпешта, но целиот процес мораше да се одвива под силно обезбедување, и на полицијата, но и на пожарникарите. Закана за експлозија биле филмовите снимени на нитратна лента, а на такви се снимало до 50-тите години на минатиот век. За жал, само околу 30 отсто од тоа што било снимено на нитратна лента е сочувано денес.

Во делот пак, наменет за експонати, каде што температурата е 20-тина степени Целзиусови, се поставени експонатите на Наке Туфегџиев кој во два камиона ги пренел своите лични филмски архиви и ги донирал на Кинотека. Низ тесните и долги полици ќе ја забележите и американската филмска преса која датира од 1923 година. Некогаш на неа се сечеле 8 и 16 мм филмски ленти.

Секоја кутија крие приказна

Како и што се претпоставува, во депото има многу кутии. Секоја кутија крие своја приказна. Но, во нив не се само филмовите, туку може да се најдат сценаријата, договори со актери, сниматели, режисери…

„Пред малку отворив три кутии кои што содржат документи од снимањето на три кратки играни македонски филмови – „Мутот на куклите“ од Димитри Османли, „Подарок на веселиот молер“ на Димитар Ќустаров и „Сонце зад решетки“ на Славко Јаневски. Во некои кутии има решение за цензура затоа што во тоа време постоела цензурна комисија која одобрувала или забранувала прикажување на филмот“- не престанува да зборува Ангелов додека со поглед ги следи рафтовите да посегне по нешто интересно за што подолго да останеме во посета и да правиме фотографии.

Фотографии: Ангел Ангеловски

Најново

Последни колумни