Кинеските научници се на чекор до откритие што би можело целосно да го преврти класичниот концепт на „stealth“ технологијата. Наместо радарот да се третира како закана што мора да се избегне по секоја цена, новиот пристап го претвора во ресурс – извор на енергија и комуникациски сигнал.
Истражувањето воведува концепт наречен „електромагнетно кооперативно прикривање“. Наместо пасивно криење од радарите, воените и потенцијално цивилните системи активно управуваат со интеракцијата со електромагнетните бранови, користејќи специјални паметни материјали.
Во срцето на овој пристап е самoodржлив електронски систем кој комбинира комуникација, сензори и собирање енергија на една платформа. Електромагнетните бранови, кои традиционално служат за детекција, во ова сценарио би можеле да се апсорбираат и трансформираат во енергија за напојување на системите – па дури и за пренос на информации.
Теоретски, тоа значи дека воените авиони или беспилотни летала би можеле да ја користат радарската енергија за сопствено напојување и комуникација, наместо само да се обидуваат да останат „невидливи“. Овој пристап потенцијално го намалува ризикот од прислушување и електронски пречки, а истовремено ги проширува можностите на напредните одбранбени и цивилни технологии.
Истражувањето, предводено од кинескиот Универзитет Сидијен, ги поврзува најновите достигнувања во електромагнетното инженерство и комуникациските технологии. Авторите наведуваат дека ваквиот систем може да има значајно влијание и врз развојот на 6G мрежите, Интернетот на нештата (IoT) и т.н. интелигентно прикривање.
Посебен фокус е ставен на т.н. реконфигурабилни интелигентни површини (RIS) – рамни структури составени од управливи елементи кои можат да ги обликуваат и рефлектираат безжичните сигнали. Оваа технологија се смета за еден од столбовите на идните 6G мрежи, кои би можеле да го поврзат физичкиот и дигиталниот свет преку холограми, дигитални близнаци и масовни IoT системи.
Решението што го предлага кинескиот тим е „сè-во-едно“ платформа: површина што истовремено контролира емитувани и рефлектирани бранови, функционира како приемник и собира енергија за сопствено или надворешно напојување. Со тоа се заштедува простор и трошоци, а се добива мултифункционалност применлива и во воени и во цивилни сценарија.
Доколку овие технологии преминат од лабораторија во реална примена, тие не само што би можеле да ја редефинираат „stealth“ доктрината, туку и значително да ја зајакнат позицијата на Кина во глобалната трка за развој и имплементација на 6G комуникациите.
