Kинески научници со ново откритие: произведоа вештачки кислород

Кинеските научници и астронаути тврдат дека со помош на вештачка фотосинтеза, во земјината орбита спровеле успешни експерименти за претворање на јаглерод-диоксид и вода во кислород и во состојки за ракетно гориво. Ова е исклучително важно за долгорочното истражување на Вселената, како и за основниот услов за престој на луѓето  – воздухот.

Според кинески „Морнинг пост“ (СЦМП), експериментите успешно ги извршил екипажот на мисијата „Шенжу-19“ што се наоѓа на кинеската вселенска станица „Тијангонг“. Научниците го почнаа своето истражување за вселенска вештачка фотосинтеза уште во 2015 година, потсети Кинеската државна телевизија (ККТВ).

„Оваа технологија го имитира природниот процес на фотосинтеза на зелените растенија преку инженерски физички и хемиски методи, користејќи ресурси на јаглерод-диоксид во затворена или вонземска атмосфера, за производство на кислород и горива засновани на јаглерод. Оваа работа ќе обезбеди клучна техничка поддршка за опстанок на човекот и истражување на Вселената“, се вели во официјалното соопштение.

Како и САД, и Кина има амбициозен план да слета со астронаути на Месечината пред 2030 година. Оваа мисија бара значителен технолошки напредок во сите полиња, вклучително и вселенски летала, погонски системи, системи за поддршка на човечкиот живот и роботи.

Покрај сѐ тоа, научниците од Кина имаат план за изградба и на Меѓународна станица за истражување на Месечината (МСИМ). Овој проект го води Кинеската национална вселенска администрација во соработка со руската Роскосмос.

Изградбата на МСИМ, којашто најверојатно ќе се спроведува меѓу 2028. и 2035 година, ќе вклучува значително човечко присуство на Месечината. Бидејќи на површината на нашиот природен сателит нема воздух за одржување на човечкото присуство, потребен е сигурен и безбеден систем за вештачко произведување кислород. Токму затоа, овој напредок може да ѝ помогне на Кина да ги постигне своите идни клучни научни цели.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни