Кинеската војска започна воена вежба околу Тајван

Пекинг ја активира „Правда Мисија 2025“ со борбена муниција, Тајпеј прогласи висока воена готовност

Кинеската армија денеска започна голема воена вежба околу Тајван, под назив „Правда Мисија 2025“, при што се користи борбена муниција и се распоредени воздушни, поморски и ракетни сили, јавува Би-би-си. Според најавите од Пекинг, сценаријата вклучуваат симулации на можно воено заземање на островот.

Од Народноослободителна армија на Кина соопштија дека активностите имаат за цел тестирање на борбената подготвеност и испраќање „строго предупредување“ до, како што ги нарекоа, „сепаратистите“ и „надворешните интервенционисти“. Вежбата се одвива во период на зголемени тензии во Тајванскиот теснец и внимателно ја следат регионалните и глобалните актери.

Министерството за одбрана на Тајван остро реагираше, обвинувајќи го Пекинг дека го загрозува регионалниот мир и стабилност. Според официјалното соопштение, во изминатите 24 часа околу островот биле забележани најмалку два кинески воени авиони и 11 воени бродови. Тајванската армија е ставена во состојба на висока готовност и започна т.н. „брза вежба за одговор“, чија цел е итно прегрупирање на силите доколку Кина одлучи една од честите воени вежби да ја претвори во реален напад.

„Сите припадници на нашите вооружени сили остануваат во состојба на целосна будност и подготвеност, преземајќи конкретни мерки за одбрана на вредностите на демократијата и слободата“, се наведува во соопштението на тајванското Министерство за одбрана.

Според првичните проценки, вежбите ќе траат неколку дена, најмалку два, а постои можност тие да имаат влијание врз меѓународниот воздушен и поморски сообраќај во регионот.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни