Кина ќе воведе привремени царини до 42,7 проценти за млечни производи увезени од Европската Унија, што е најновото во низата мерки против извозот од ЕУ, што нашироко се смета за одмазда за царините што Унијата ги воведе за електрични возила.
Царините, кои ќе се воведат утре (вторник), ќе се движат од 21,9 до 42,7 проценти, иако повеќето компании ќе плаќаат нешто помалку од 30 проценти. Мерките се однесуваат на незасладено млеко и павлака, како и на свежи и преработени сирења, вклучувајќи ги добро познатите француски сирења Рокфор и Камамбер.
Кинеското Министерство за трговија објави дека пронашло докази дека млечните производи од ЕУ се субвенционирани и им штетат на кинеските производители, објавува Ројтерс.
Европската комисија, која е одговорна за трговската политика на ЕУ, изјави дека истрагата се базира на „сомнителни тврдења и недоволни докази“ и ги оцени овие мерки како „неоправдани и неосновани“.
Трговските тензии меѓу ЕУ и Кина избувнаа во 2023 година, кога Европската комисија започна истрага за субвенциите за електрични возила произведени во Кина. Царинските давачки беа воведени во октомври 2024 година.
Како одговор на тие мерки, Пекинг воведе ограничувања за увоз на ракија, свинско месо, а сега и млечни производи од Европската Унија.